Сè повеќе држави имаат намера да преземат построги мерки против социјалните медиуми за да ги заштитат децата. Откако Австралија го направи првиот и голем чекор во регулирањето на социјалните мрежи, како одговор на нивните штетни ефекти врз младите, и други земји одлучија да заземат построг пристап кон социјалните платформи и големите технолошки компании. Некои европски земји веќе објавија слични забрани за пристап до социјалните мрежи за деца под 15-16 години, а сега британскиот премиер, Кир Стармер, ги објави акциите што има намера да ги преземе во борбата против социјалните мрежи.
Тој најави дека во иднина ќе реагираат побрзо за да ги затворат дупките во законите дизајнирани да ги заштитат децата на интернет. Тој, исто така, најави и сузбивање на зависните елементи на социјалните мрежи.
Во САД во моментов е во тек судска постапка против Meta поради негативното влијание на нивните платформи врз младите луѓе, а зависноста на децата од социјалните мрежи беше една од темите што се дискутираа во судницата минатата недела. Извршниот директор на Instagram, Адам Мосери, меѓу другото, нагласи дека нема докази за клиничка зависност кај децата од социјалните медиуми, споредувајќи го тоа со луѓето што се закачуваат на серија на Netflix и остануваат будни до доцна гледајќи телевизија.
Што се однесува до новиот предлог во Велика Британија, тој вклучува обврска за технолошките компании да ги зачуваат сите податоци од телефонот на детето во случај на негова смрт, како и започнување консултации за можна забрана за користење на социјалните медиуми за лица под 16 години. Владата претходно објави и дека ќе започне јавна консултација за собирање мислења за ограничување на пристапот на децата до четботови базирани на вештачка интелигенција, како и таканареченото doomscrolling, или бесконечно скролување на екраните за деца.
Забрзувањето на донесувањето одлуки за кое зборува Стармер би значело дека државата би можела да преземе „итна акција“ врз основа на одредени заклучоци или брзо да реагира со донесување одлуки. Наместо да чека со години законодавството да ги реши постојните проблеми, владата сака да создаде нови законски овластувања што би можеле да донесуваат одлуки за само неколку месеци. Сегашниот Закон за безбедност на интернет во Велика Британија стапи на сила во 2023 година, но е напишан пред да бидат воведени четботови како ChatGPT. Владата сега сака да дејствува за да се осигури дека законот ја вклучува оваа технологија, која, иако е исклучително корисна, може да биде и опасна за младите луѓе.
„Технологијата се развива со брзо темпо и законот мора да биде во чекор. Со мојата влада Велика Британија ќе биде лидер, а не следбеник, кога станува збор за безбедноста на интернет“, рече британскиот премиер.
(BBC)
(фото: Kdpatel)




























