Објавен е повик за учество во втората генерација на Академијата за финансиско и административно управување кај граѓанските организации, програма која по успешното завршување на првата генерација учесници минатата година дефинитивно постави нови стандарди за квалитетна, практична и релевантна финансиска едукација во цивилниот сектор во Македонија.
Академијата која е дел од регионалниот проект СМАРТ БАЛКАН – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Centar za promociju civilnog drustva (CPCD), во соработка со партнерските организации Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Македонија и Институт за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија, со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, успешно го заврши своето прво издание, нудејќи практична и акредитирана обука за претставници на граѓански организации.
На веб-страницата на www.crpm.org.mk е објавена информацијата за Повикот за втората генерација за Академијата https://crpm.org.mk/call-for-applications-for-the-second-generation-of-the-accredited-program-financial-academy-financial-and-administrative-management-skills-for-civil-society-organizations/
Во рамки на Академијата 40 учесници од Македонија и Србија стекнаа знаења и вештини за буџетирање, финансиско планирање, даноци, законска регулатива, ревизија, проектен менаџмент и известување, со цел поодговорно, поефикасно и потранспарентно управување со ресурсите.
Во оваа видео- сторија на „Иновативност“ за искуствата и придобивките на Академијата зборуваат Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), учесничката Славица Јанкова од Македонското здружение за заштита при работа и обучувачката Емилија Бумбароска. Тие споделуваат конкретни примери за тоа како стекнатите знаења директно придонеле за подобрување во секојдневното финансиско и административно управување и зошто оваа Академија е значајна за развојот на граѓанскиот сектор.
Академијата нема да биде само еднократен настан. Напротив,организаторите најавуваат нејзино континуирано спроведување како трајна едукативна програма отворена за поширокиот граѓански сектор. Целта е јасна- јакнење на професионалните капацитети на граѓанските организации, подобрен пристап до фондови и поодржливо управување со финансии и проекти во долг рок.
Новинар – Верица Јорданова
Снимател – Синиша Илијевски





























