Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави воведување царина од 15 проценти за фармацевтските производи од Швајцарија, како дел од поширока мерка што предвидува царини до 100 проценти за патентирани лекови и активни состојки. Според официјалното соопштение од Белата куќа, просечно 53 проценти од патентираните лекови во САД се произведуваат во странство, додека само 15 проценти од активните состојки доаѓаат од домашно производство, објавува Swiss Info.
За компаниите што инвестираат во производство во Соединетите Држави и се договараат за цените со американските власти, новата царина нема да се применува до почетокот на 2029 година.
Земјите што имаат трговски договори со Соединетите Држави, вклучувајќи ги Швајцарија и Лихтенштајн, ќе плаќаат пониска царина од 15 проценти.
Швајцарската влада ја оценува оваа мерка како „дополнителен товар за фармацевтските извозници“, додека здружението Интерфарма предупредува дека царините го загрозуваат глобалното производство, синџирите на снабдување и истражувањето и развојот, а со тоа и пациентите низ целиот свет.
Швајцарските фармацевтски гиганти „Рош“ и „Новартис“ претходно објавија заеднички инвестиции од 73 милијарди долари во следните пет години за производство на сите клучни лекови за американскиот пазар во Соединетите Американски Држави.
„Рош“ и „Новартис“ генерираат речиси половина од глобалната продажба во Соединетите Американски Држави, а само еден процент во Швајцарија, пренесува „Танјуг“.
(Politika.rs)
Фото – Pixnio





























