Росатом размислува за изградба на лунарна нуклеарна централа со капацитет значително поголем од 10 киловати (kW), изјави Алексеј Лихачев, генерален директор на руската државна корпорација за атомска енергија Росатом.
„Моментално го правиме првиот чекор кон создавање мала лунарна електрана. Во исто време, веќе разгледуваме проект за лунарна електрана со значително поголем капацитет. Глобалниот консензус е јасен: без моќна нуклеарна енергија, длабоката вселена ќе остане повремена експедиција, а не зона на индустриски развој“, рече Лихачев, според Тасс.
Како што изјави, за индустрискиот развој на Месечината, имено рударството на ретки земни метали, добивањето кислород и ракетно гориво од мраз и производството на сложени производи на лице место, моќност од 10 kW нема да биде доволна.
Според него, параметрите на лунарната енергетска единица, која Росатом ја развива заедно со Роскосмос, се: моќност до 10 киловати (k)W, тежина не поголема од 1.200 килограми и беспрекорно работење најмалку 10 години.
Лихачов нагласи дека единицата мора да издржи забрзување на лансирањето, вакуум, зрачење и лунарна ноќ со температури од -150 степени, која трае две Земјини недели.





























