Престижната награда „Светски автомобил на годината 2026“ беше доделена на церемонија одржана за време на Саемот за автомобили во Њујорк, каде што беа прогласени најдобрите модели во неколку категории од автомобилската индустрија.
Главната награда му припадна на електричниот SUV модел BMW iX3, кој покрај титулата Светски автомобил на годината, ја освои и наградата за најдобро електрично возило, што дополнително го потврди силниот тренд на индустријата кон електрификација.
Ова е прв пат BMW да ја освои оваа награда од 2006 година, кога моделот BMW Серија 3 ја доби наградата. Успехот на моделот iX3 се смета за важна потврда на стратегијата Neue Klasse, со која компанијата влегува во нова фаза на развој на електричната мобилност.
Интересно е што сите добитници оваа година се електрични автомобили, што јасно укажува на насоката во која се развива глобалната автомобилска индустрија. Меѓу наградените се издвои Hyundai Ioniq 6 N, прогласен за најдобар спортски автомобил, додека моделот Firefly доби признание во категоријата градски возила.
Во сегментот на луксузни автомобили, победи Lucid Gravity, додека наградата за најдобар дизајн отиде кај Mazda 6e. Овие резултати дополнително потврдуваат дека електричните автомобили повеќе не се само визија за иднината, туку доминантна реалност на пазарот.
Победниците ги одлучи меѓународно жири составено од 98 автомобилски новинари од 33 земји, а гласањето беше спроведено тајно под надзор на ревизорската фирма KPMG. Возилата беа оценети преку обемни тестирања низ целиот свет, вклучително и споделени возења во Пасадена.
Во претходните години, доминираа моделите од групацијата Hyundai-Kia, додека Volkswagen сè уште се смета за најуспешен производител во историјата на овој избор. Сепак, резултатите од оваа година покажуваат дека конкуренцијата станува сè посилна и дека електричната мобилност зазема водечка улога на глобалниот автомобилски пазар.
(Радио Сараево)
Фото – Wikimedia Commons




























