Најскапиот стан во Србија што е продаден во текот на 2025 година е платен вкупно 1,8 милиони евра и се наоѓа во населбата „Белград на Води“, додека најскапиот гаражен простор е платен за 66.000 евра, објави Републичкиот геодетски завод (РГЗ).
Најскапиот квадратен метар во Србија е продаден по цена од 15.298 евра на територијата на белградската општина Савски венец, а најскапата куќа е продадена во истата општина за 3,8 милиони евра, објавува Бета. Во годишниот извештај на РГЗ за состојбата на пазарот на недвижности, пишува дека најскапиот квадратен метар канцелариски простор е продаден на територијата на белградската општина Стари Град за 8.974 евра, а највисоката постигната цена на канцелариски простор била 2,8 милиони евра. За најскапото земјоделско земјиште во Србија во 2025 година, на територијата на општина Шид се издвоени 5,9 милиони евра.
Вредноста на пазарот на недвижности изнесуваше рекордни 8,1 милијарди евра, што претставува зголемување од 8,6 проценти во споредба со 2024 година, додека бројот на договори за продажба е 129.185, што е зголемување од 1,8 проценти во споредба со 2024 година.
Пазарот на домување забележа зголемување на активноста во споредба со 2024 година, мерено со зголемување од 5,5 проценти на бројот на договори за продажба и зголемување од 17,4 проценти на пазарната вредност. Освен становите, пазарната вредност на гаражните простори се зголеми за 17,3 проценти, додека бројот на договори се намали за 4,8 проценти.
Од сите сегменти, само пазарот на земјоделско земјиште забележа намалување на бројот на договори (10,8 проценти), како и намалување на пазарната вредност (14,1 процент).
Најголемиот дел од вкупната вредност на прометот на пазарот на недвижности беше инвестиран во станови, со износ од 4,8 милијарди евра и учество од 60 проценти од вкупната вредност на прометот.
Градот Белград доминира во вкупната вредност на продадени станови на ниво на Србија, со учество од 53 проценти.
Кредитното финансирање е забележано во 14 проценти од договорите за недвижности, што претставува зголемување од четири процентни поени во споредба со минатата година. Просечната цена на становите во 2025 година во Србија изнесуваше 89.977 евра, а просечната цена на куќите 38.530 евра.
Фото – Wikimedia.commons






























