Барел сурова нафта од типот „Брент“ поскапе за околу четири проценти, откако повторно ослабнаа надежите за мирно решавање на кризата меѓу Иран и САД.Цената на нафтата сега се движи околу 105 долари за барел, што е највисоко ниво од средината на минатата недела.
Иако за време на најжестоките тензии цената во одредени моменти надмина и 120 долари за барел, најновиот раст покажува дека пазарот и натаму е исклучително чувствителен на секоја негативна вест поврзана со преговорите.
Аналитичарите предупредуваат дека високите цени на нафтата веќе со месеци директно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните, преку повисоки сметки за енергија, но и преку поскапување на основните производи поради растечките транспортни и производствени трошоци.
Според експертите, цените би можеле дополнително да растат доколку не се најде трајно решение за кризата во Персискиот Залив, а дипломатските напори засега не даваат резултати. Најновиот бран поскапувања следуваше откако Иран го одби американскиот план за завршување на конфликтот.
Американскиот претседател Доналд Трамп реагираше на својата социјална мрежа, оценувајќи дека иранскиот контрапредлог, испратен до Вашингтон, е „целосно неприфатлив“.
Иако деталите од понудите не се јавно објавени, јасно е дека двете страни сè уште се далеку од компромис.
Додека преговорите остануваат без напредок, светските пазари продолжуваат бурно да реагираат на секоја најава за можна ескалација на конфликтот.
Фото – Pxfuel






























