Новите климатски сценарија покажуваат дека светот веројатно нема да ги достигне најцрните проценки за загревање до 2100 година, но прагот од 1,5 степени Целзиусови е практично недостижен.
Научниците презентираа седум нови веродостојни сценарија за емисиите на јаглерод, поместувајќи ги двете долгогодишни екстреми во климатските проекции.
Причината е променливиот енергетски микс: пошироката употреба на сончева, ветерна и геотермална енергија ги намали проценките за највисоките нивоа на загадување, но бавното темпо на промени, исто така, ги влоши изгледите за најповолен исход.
Парискиот климатски договор од 2015 година постави цел за ограничување на загревањето на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, но истражувачите сега велат дека дури и најдоброто сценарио е далеку над таа граница.
Според новите проценки, најдобриот исход подразбира врв на загревањ од околу 1,7 степени, со можност температурата подоцна да падне под 1,5 само ако се развие технологија за отстранување на огромни количини јаглерод од атмосферата.
Од друга страна, новата проекција за најлош случај повеќе не го вклучува претходното сценарио за голема зависност од јаглен што доведе до затоплување од 4,5 степени до крајот на векот.
Наместо тоа, новиот горен опсег е околу 3,5 степени Целзиусови, додека средното сценарио, за кое научниците велат дека е најблиску до сегашниот курс на општеството, предвидува пораст на температурата од 3 степени.
Директорот на Институтот за истражување на влијанието врз климата во Потсдам, Јохан Рокстром, оцени дека просторот на можни исходи е стеснет.
„Постои еден вид стеснување на иднината. Не може да биде толку лошо како што мислевме, но не може да биде ни толку добро како што се надевавме“, изјави Рокстром.
Бил Хер од Институтот за климатски анализи предупреди дека станува збор за политички, а не за природен неуспех.
„Ја губиме способноста да го ограничиме затоплувањето дури и на 2 степени без силна акција и луѓето треба да бидат свесни дека ова е политички неуспех“, рече Хер.
Сепак, истражувачите предупредуваат дека ризиците не исчезнале. Покрај емисиите од фосилните горива, дополнително затоплување може да биде предизвикано и од климатските повратни јамки од океаните, шумите, Амазон, морските струи и облаците, што би можело да додаде затоплување за околу половина степен.
(Klix.ba)





























