Европската Унија претстави план за заштита на децата на интернет. Предлогот сега оди на разгледување во Европскиот парламент и во Советот на ЕУ, кој ги претставува земјите-членки.
Дискусиите во Брисел за тоа како да се заштитат децата на интернет траат веќе подолго време. Денес Европската комисија го претстави својот план.
„Без социјални мрежи за оние под 13 години. Без лични профили за оние под 15 години. Тоа значи дека децата на возраст меѓу 13 и 15 години ќе можат да имаат само ограничени профили, отворени и надгледувани од родители или старатели. Овие профили ќе имаат ограничени функции, а времето на користење ќе биде ограничено на најмногу еден час дневно“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Неодамнешните истражувања покажуваат дека децата на возраст од 13 до 18 години поминуваат во просек по 4,5 часа дневно пред екраните – било да се тоа телефони, компјутери, таблети или уреди за видеоигри – во работните денови, а шест часа за време на викендите.
Половина од анкетираните деца во Европа на возраст од 9 до 16 години велат дека не се чувствуваат безбедно кога се на интернет; повеќе од една третина имаат потешкотии да заспијат, а 33 отсто доживуваат стрес или анксиозност поради социјалните мрежи. Како резултат на тоа, предложената законска регулатива сега вклучува многу јасен список на тоа што е дозволено, а што е забрането за дигиталните услуги.
„На пример, непознати лица нема да можат да им испраќаат пораки на децата. Децата нема да бидат цел на персонализирани реклами или алгоритми засновани на нивната претходна активност. Социјалните мрежи, платформите за споделување видеа и онлајн видеоигрите ќе мора да ги исполнуваат обврските за безбедност. Асистентите со вештачка интелигенција и чет-ботовите повеќе нема да можат да се однесуваат како човечки пријатели на начин што создава емоционална зависност кај децата“, изјави потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен.
За големите компании како Meta, X, TikToк и други овој закон подразбира многу построга одговорност во однос на заштитата на малолетниците.
„Со години социјалните мрежи ја негираа штетата што ја предизвикуваа. Тие се обидуваа да ги избегнат строгите правила и сами да си ги одредуваат стандардите. Со оваа законска регулатива за децата, ние го менуваме тоа. Наместо надлежните органи да мораат накнадно да докажуваат дека настанала штета, од најголемите платформи ќе се бара однапред да достават детални планови за безбедност на децата“, истакна Фон дер Лајен.
Родителите сè уште имаат клучна улога во надзорот, но законот треба да им ја олесни таа задача.
„Сакаме да им ја вратиме родителската улога на родителите, а детството на децата“, изјави Виркунен.
Сепак, законот можеби нема да стапи на сила пред 2028 година, а дотогаш би можел да претрпи одредени измени. Со тоа, ЕУ би ги следела примерите на други земји кои веќе воведоа конкретни забрани.
Австралија беше првата земја што воведе целосна забрана за пристап до социјалните мрежи за деца под 16-годишна возраст – мерка што треба да стапи на сила кон крајот на 2025 година и предвидува повеќемилионски казни за платформите што нема да ги почитуваат правилата.
(N1)
(фото: Picryl)

























