Младите во Европа сѐ почесто користат чет-ботови со вештачка интелигенција за емоционална поддршка, покажува ново европско истражување објавено од агенцијата Reuters.
Според анкетата на „Ипсос БВА“, речиси секој втор млад човек во Европа користел алатки со вештачка интелигенција за разговори поврзани со лични и интимни теми. Истражувањето покажува дека дел од младите сѐ повеќе ги доживуваат чет-ботовите како простор за совети, поддршка и разговор, особено кога се чувствуваат осамено или под стрес.
Експертите предупредуваат дека ваквиот тренд отвора нови прашања за менталното здравје, приватноста и безбедноста на младите корисници. Истовремено, се посочува дека вештачката интелигенција не смее да стане замена за реална човечка поддршка, особено кај тинејџерите и младите кои се наоѓаат во чувствителен период од развојот.
Темата за влијанието на вештачката интелигенција врз децата и младите станува сѐ поактуелна и во европските институции, каде се водат дебати за дигиталната безбедност, емоционалниот развој и потребата од поголема медиумска и ВИ писменост кај младите генерации.
(Radio MOF)
Фото – Pick Pik

