Американската технолошка компанија Мeta објави дека воведува построги мерки за заштита на тинејџерите на своите платформи Instagram, Facebook Messenger. Компанијата соопшти дека стандардните поставки за корисници под 18 години автоматски ќе го ограничат прикажувањето на содржина што се смета за несоодветна за нивната возраст.
Овие правила за прв пат беа воведени минатата година во Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Австралија и Канада, а сега ќе бидат достапни низ целиот свет. Новите поставки „13+“ се наменети за филтрирање на содржината во објавите, кратките видеа и препораките што ги добиваат корисниците.
На Facebook дополнително ќе се ограничи интеракцијата со профили, групи и страници што објавуваат содржина што се смета за несоодветна за тинејџери, додека на Messenger ќе се намали можноста за пристап до таква содржина преку линкови и разговори. Подоцна оваа година ќе се воведе построга опција наречена „Ограничена содржина“, наменета за родители кои сакаат дополнителни ограничувања на сметките на своите деца.
Компанијата, исто така, тестира нова функција на Instagram што треба да обезбеди поголема разновидност во содржината што тинејџерите ја гледаат во своите препораки, објави и видеа.
Целта е да се избегне ситуација каде што алгоритмот континуирано прикажува голем број објави на истата тема, вели Мeta на својата веб-страница. Според компанијата, одредени теми како што се исхраната, вежбањето или советите за справување со анксиозноста можат да бидат корисни, но не треба да доминираат во корисничкото искуство.
Мeta, исто така, ги подобри своите системи за идентификување на сметки кои редовно објавуваат содржина што е несоодветна за помладите корисници и дополнително го ограничи прикажувањето видеа што промовираат опасни предизвици, вклучувајќи го и трендот познат како „сурфање на автомобили“.
(021)
(фото: Level Agency)




























