Во необична маркетинг-иницијатива што ги спојува науката, дизајнот и љубовта кон престојот на отворено, IKEA го откри најсончевиот квадратен метар во Шведска и го претвори во нова туристичка атракција. Проектот е дел од промоцијата на колекцијата мебел за надворешни простори и се темели на анализа на повеќе од две децении метеоролошки податоци.
Во соработка со Шведскиот метеоролошки и хидролошки институт, компанијата анализирала сателитски податоци во периодот од 2005 до 2025 година. Истражувањето покажало дека најмногу сончеви часови годишно има локација во јужниот дел на островот Готланд, југозападно од местото Бургсвик. Според пресметките, ова подрачје во просек добивало 2.137 сончеви часа годишно, што е речиси шест часа сонце дневно во текот на целата година.
За да му даде препознатлив идентитет на просторот, IKEA постави две камени фотелји инспирирани од моделот SKARPÖ, дизајниран од Магнус Елебек. Наместо традиционален споменик, компанијата создаде функционален простор каде посетителите можат да седнат, да се одморат и да уживаат токму во најсончевото место во државата.
Одредувањето на точната локација барало дополнителна експертска анализа. Архитектот и советник за топографија Ерик Гардел бил вклучен во проектот за да ги испита конфигурацијата на теренот, изложеноста на сонце, наклонот и можните сенки. Дури по оваа детална проценка бил утврден прецизниот квадратен метар на кој е поставен споменикот.
Објаснувајќи ја идејата зад иницијативата, менаџерката за комуникации на IKEA, Линда Викстром, изјави: „Како што се менуваат годишните времиња, така се менуваат и начините на кои живееме. Кога по зимата повторно ќе се вратат сончевите денови и топлината, луѓето ширум Шведска излегуваат надвор. Во IKEA сакаме да им помогнеме на што е можно повеќе луѓе максимално да уживаат во животот на отворено. Пронаоѓањето и обележувањето на најсончевиот квадратен метар во Шведска е дел од таа амбиција.“
Креативниот проект бил реализиран во соработка со агенцијата NoA Åkestam Holst.



























