Експертите веруваат дека успеале да утврдат кога би можел да се случи крајот на човештвото со веројатност од околу 95 проценти. Имено, математичката равенка позната како Аргумент на судниот ден сугерира дека постоењето на човечкиот вид има своја фиксна крајна точка.
Оваа теорија првично ја предложил австралискиот астрофизичар Брендон Картер, а е позната и како Картеровата катастрофа. Нејзината суштина се заснова на тврдењето дека постои конечен број луѓе кои некогаш ќе живеат на Земјата. Кога ќе се достигне тој број, човештвото какво што го знаеме ќе заврши.
Теоријата се заснова на постара хипотеза од 16 век позната како Коперников принцип. Според овој принцип, нашата позиција во универзумот не е ниту посебна, ниту привилегирана, туку просек меѓу безброј можности.
Додека фактот дека животот надвор од Земјата сè уште не е откриен може да сугерира дека ние заземаме единствено место во космосот, Коперниковиот принцип претпоставува дека нашата позиција е сосема обична и репрезентативна за поголемиот универзум.
Картеровата катасррофа ја темели својата логика токму на овој факт – дека нашето место во времето е исто така просечно, а не исклучително. Оваа логика се користи со децении за да се прават предвидувања. Физичарот Џ. Ричард Гот III ја користел, меѓу другото, за да процени колку долго одредени претстави ќе се играат на Бродвеј.
Кога истата математика се применува на човештвото, се претпоставува дека вкупниот број на луѓе што некогаш ќе живеат е веќе одреден. Животот на секој поединец потоа претставува случајна позиција во рамките на тој вкупен број.
Ова значи дека постои 95 проценти шанса дека кое било лице што е живо денес е родено во последните 95 проценти од сите луѓе што некогаш ќе постојат.
Се проценува дека до денес се родени околу 60 милијарди луѓе. Математичкиот модел сугерира дека постои 95 проценти шанса дека вкупниот број на луѓе што некогаш ќе живеат на Земјата ќе достигне приближно 1,2 трилиони.
Претпоставувајќи дека светската популација се стабилизира на околу 10 милијарди и дека просечниот животен век останува околу 80 години, теоријата го сместува крајот на човештвото во 11.146 година од нашата ера.
Ова значи дека, според овој модел, човечкиот вид би можел да исчезне за околу 9.120 години.
Сепак, авторите нагласуваат дека ова е статистички модел базиран на претпоставки, а не вистинско предвидување на иднината.
Секако, постојат многу контрааргументи. Еден од нив е можноста дека моментално сме меѓу првите пет проценти од сите луѓе што некогаш ќе живеат, што значително би го променило резултатот од пресметката.
Покрај тоа, човештвото би можело да се соочи со многу поитни предизвици, како што се климатските промени, глобалните катастрофи или други фактори што би можеле да влијаат на иднината на планетата.
Гледајќи уште подалеку во иднината, научниците нè потсетуваат дека Сонцето еден ден ќе се прошири и ќе ја направи Земјата непогодна за живеење.
На еден или друг начин, исчезнувањето на човештвото еден ден изгледа неизбежно, но прашањето кога тоа ќе се случи сè уште останува без конечен одговор.
(Euronews.rs)



























