Најголемиот суперспроводлив магнет во светот со тороидно поле (TF), дизајниран за фузиски реактори, успешно помина технички преглед од страна на експертски панел во Хефеј, главниот град на кинеската покраина Анхуи. Магнетот, тежок 582 тони, има волумен што е 1,3 пати поголем од TF магнетот што се користи во Меѓународниот термонуклеарен експериментален реактор (ITER), додека неговиот капацитет за складирање на енергија е три пати поголем, соопштија неговите развојни тимови од Институтот за физика на плазма при Кинеската академија на науките (ASIPP).
Тороидалниот магнет е една од најважните компоненти на фузискиот реактор. Неговата улога е да создаде тороидно магнетно поле што стабилно ја држи плазмата, намалувајќи ги загубите на енергија и влијанието на честичките со висока енергија врз ѕидовите на вакуумската комора. Во иднина 16 вакви магнети ќе бидат поврзани во еден систем што ќе го формира целосното тороидно магнетно поле на реакторот.
„Магнетот има задача да ја содржи плазмата и да спречи нејзин контакт со ѕидовите на вакуумската комора. Јачината на магнетното поле е директно поврзана со температурата и густината на плазмата потребни за идното работење на реакторот. Прстенот составен од 16 намотки ќе создаде магнетно поле од 6,5 тесла“, рече истражувачот Ву Ју од Институтот за физика на плазма при Кинеската академија на науките.
Развојот на овој магнет траел шест години.
„Ова е најтешката намотка во светот и моментално има најголем капацитет за складирање на енергија меѓу сите суперспроводливи намотки. Специјалниот не’рѓосувачки челик, изолациските материјали и суперспроводливите материјали што се користат во неговата конструкција се домашно произведени. Овој проект е реализиран со 100 проценти кинески компоненти“, рече директорот на ASIPP, Сонг Јунтао.
Овој магнет е еден од двата клучни суперспроводливи магнети за развој на фузиски реактор што Кина ги претстави истиот ден. Вториот е централен соленоид со високотемпературен суперспроводник, кој исто така успешно ги заврши тестовите во целосен работен режим.
Развојот на овие технологии претставува значаен чекор во напорите на Кина да ја забрза комерцијалната примена на нуклеарната фузија, која се смета за еден од најперспективните извори на чиста енергија на иднината.
(Klix.ba)
(фото: Wikimedia)



























