Meta ја повлече својата нова функција за вештачка интелигенција „Muse Image“, само неколку дена по нејзиното претставување, откако предизвика силни реакции поради можноста да создава лажни фотографии користејќи содржини од јавните профили на Инстаграм. Функцијата беше претставена во вторникот како дел од новите алатки на компанијата за генерирање слики со помош на вештачка интелигенција. Таа му овозможуваше на ВИ-четботот да користи фотографии и други содржини од јавни профили на Инстаграм за создавање нови слики.
Најголемите критики се однесуваа на тоа што корисниците со јавни профили биле автоматски вклучени во системот, без претходна согласност. Тоа значеше дека ликот на секое лице со јавен профил можел да биде искористен за создавање нови фотографии без негово знаење или одобрение.
Холивудскиот синдикат САГ-АФТРА ја поздрави одлуката на Meta да ја повлече функцијата, оценувајќи ја како „победа“. Претходно синдикатот ги повика своите членови, но и сите корисници на Инстаграм, да преземат мерки за заштита на сопствениот лик, оценувајќи дека компанијата направила сериозна погрешна проценка за тоа како јавноста гледа на ваквата употреба на вештачката интелигенција.
Критики упати и организацијата за заштита на човековите права „Privacy International“, која оцени дека ова е уште еден пример дека компаниите што развиваат вештачка интелигенција ги третираат фотографиите и личните податоци на луѓето како ресурс што може слободно да се искористува.
Од Meta соопштија дека првичната намера била на корисниците да им понудат корисна креативна алатка и можност самите да одлучат дали нивната јавна содржина може да се користи на ваков начин.
„Нашата намера беше да понудиме корисна креативна алатка и да им дадеме контрола на луѓето дали нивната јавна содржина може да се користи на овој начин. Ги слушнавме реакциите“, соопшти компанијата.
Иако „Muse Image“ беше ограничена само на Инстаграм, Meta претходно најави дека планира дополнителни алатки засновани на вештачка интелигенција и за WhatsApp, Facebook и Messenger, како и развој на алатка за создавање видеа со помош на вештачка интелигенција. Засега компанијата не соопштува дали тие планови ќе бидат изменети по повлекувањето на спорната функција.
Фото – Flickr



























