Европската комисија бара Мета да ги адресира „зависничките“ функции на Фејсбук и Инстаграм

- Advertisement -

Европската комисија побара од американскиот технолошки гигант Meta да измени дел од функциите на Facebook и Instagram, оценувајќи дека тие можат да поттикнат прекумерно користење на платформите и да придонесат за развој на зависничко однесување кај корисниците. Ова е дел од истрагата што Европската Унија ја води за тоа дали компанијата прави доволно за да ги заштити своите корисници, особено малолетниците.

Според Комисијата, бесконечното прелистување на содржини, персонализираните препораки и автоматското пуштање видеа се функции што ги задржуваат корисниците на платформите подолго време. Регулаторите сметаат дека токму овие механизми можат да поттикнат компулсивно користење, особено кај тинејџерите и другите ранливи категории корисници, а воедно придонесуваат и за зголемување на приходите од огласување.

- Advertisement -

Европската комисија изрази незадоволство и од постојните родителски контроли на двете платформи, оценувајќи дека тие се премногу сложени за користење и не обезбедуваат доволно ефикасни ограничувања на времето што младите го поминуваат пред екраните.

Од Meta ги отфрлија првичните заклучоци на Комисијата, истакнувајќи дека тие не ги земаат предвид мерките што компанијата веќе ги вовела за заштита на младите корисници. Компанијата потсетува дека специјалните профили за тинејџери овозможуваат родителите да го ограничат користењето на Instagram во текот на ноќта и да постават дневни ограничувања за времето поминато на платформата.

- Advertisement -

Истрагата беше отворена во мај 2024 година, а Meta сега ќе има можност да одговори на забелешките и да предложи дополнителни мерки. Доколку Европската комисија оцени дека компанијата не ги исполнила своите обврски, може да ѝ изрече парична казна во висина до шест проценти од нејзиниот глобален годишен приход.

(Marketing 365.mk)
Фото – abc

- Advertisement -