ЕУ додели грант од 149 милиони евра за третата фаза од железницата кон Бугарија

- Advertisement -

Со грант од 149 милиони евра од Европската Унија ќе се финансира изградбата на третата фаза од железничката пруга кон Бугарија, која опфаќа изградба на прекуграничниот тунел на Коридор 8. Делницата е долга 22 километри, започнува од Крива Паланка и продолжува кон бугарската граница.

Покрај грантот, за проектот се обезбедени и 175 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Договорите за финансирање денеска беа потпишани во Владата.

- Advertisement -

Директорот на Македонски железници, Синиша Ивановски, изјави дека станува збор за најсложениот инфраструктурен проект во земјава во последните неколку децении.

Пругата ќе биде едноколосечна и наменета и за патнички и за товарен сообраќај. На трасата долга 22 километри ќе има 21 тунел со вкупна должина од 7,8 километри, како и 52 мостови и вијадукти долги околу пет километри. Тоа значи дека повеќе од 60 проценти од трасата ќе биде во тунели и на мостови, поради што ќе бидат потребни дополнителни геодетски, геолошки, геотехнички и хидролошки истражувања“, рече Ивановски.

- Advertisement -

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, оцени дека проектот е еден од најзначајните инфраструктурни за државата и важен чекор кон остварување на стратешката цел Македонија да стане транспортна раскрсница на Балканот.

„По речиси две години работа успеавме да стигнеме до реален и остварлив проект. Особено е важно што постигнавме договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел што ќе ги поврзе двете држави“, изјави Николоски.

- Advertisement -

Во следниот период треба да биде распишан тендер за избор на изведувач, а според најавите на Министерството за транспорт, градежните работи би требало да започнат до крајот на годината. Железничкиот Коридор 8 е дел од европската транспортна мрежа и има стратешко, економско и геополитичко значење за поврзување на Јадранското и Црното Море.

Првата делница од Куманово до Бељаковце беше пуштена во употреба во јануари 2025 година, додека изградбата на втората делница, од Бељаковце до Крива Паланка, е во тек. Таа се финансира со заем од ЕБОР и грант од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Фото – Flickr

- Advertisement -