Според истражувањето на компанијата Аltrata, бројот на милијардери во светот минатата година достигнал рекордно ниво од 3.795 лица, поттикнат од растот на богатството ширум светот благодарение на подемот на вештачката интелигенција. Ова претставува зголемување на бројот на милијардери за 8,2 отсто, што е најголем годишен пораст во последните пет години. Вкупното богатство на светските милијардери пораснало за 12,8 отсто минатата година, достигнувајќи рекордни 15,1 трилион долари.
Аltrata идентификувала 150 јавни компании кои најмногу придонеле за богатството на милијардерите. Во извештајот се наведува дека компаниите кои во изминатите пет години инвестирале најмалку 30 милиони долари во вештачка интелигенција, оствариле подобри резултати од оние што не го сториле тоа – со 23 отсто поголем раст на пазарната капитализација во периодот меѓу 2024 и 2025 година.
Извештајот исто така идентификува 29 „супер-милијардери“ – поединци со богатство поголемо од 50 милијарди долари – чие вкупно нето-богатство изнесува 4,1 трилион долари, што претставува 27 отсто од вкупното богатство на сите милијардери. Пред девет години, во 2017 година, имало само 10 такви поединци, кои поседувале 7,2 отсто од вкупното богатство на милијардерите.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека богатството изградено врз акции на технолошки компании поврзани со вештачката интелигенција може да биде нестабилно.
„Очекуваме богатството на многу милијардери – особено на оние со компании фокусирани на технологија – да расте и да опаѓа во зависност од трендовите и дискурсот околу вештачката интелигенција“, изјави Маја Имберг, раководител на секторот за аналитика и стратешко лидерство во Аltrata.
Како што пренесува CNBC, берзата оваа година забележа големи флуктуации, вклучително и пад на вредноста од 1,3 трилион долари кај акциите на големите производители на чипови во јули.
За најбогатите меѓу богатите ова резултираше со неверојатно брзи добивки и загуби. На пример, нето-богатството на Илон Маск се намали за 18 милијарди долари во еден ден, додека Лери Елисон изгуби 50 милијарди долари за една недела, според податоците на Forbes.
Оданочувањето на најбогатите би можело да генерира 250 милијарди долари годишно. Во Северна Америка живее најголем број милијардери – 1.337 – што претставува зголемување од 11,6 отсто во споредба со 2024 година.
Бројот на милијардери во Европа изнесува 1.081 по порастот од 7,9 отсто минатата година, додека Азија има 881, што претставува зголемување од 6,5 отсто.
(Financije.hr)
(фото: Chat GPT)





























