Кина пушти во употреба офталмолошка клиника со која управува вештачка интелигенција

- Advertisement -

Вештачката интелигенција сè повеќе се користи во медицината за анализа на снимки и развој на лекови, но научници во Кина спроведоа експеримент што отиде чекор понатаму. Тим од Пекиншкиот институт за офталмологија и наука за видот (BERI) му го довери управувањето со една офталмолошка клиника на систем за вештачка интелигенција, иако со човечки надзор. Целта беше да се тестира како вештачката интелигенција функционира во реални клинички услови.

Клиниката, наречена AI-TEC (Офталмолошка клиника Цингхуа потпомогната од агент со вештачка интелигенција), беше дизајнирана така што вештачката интелигенција го сочинуваше темелот на целиот процес, наместо само да служи како додаток на постоечките практики.

- Advertisement -

Лекарите беа присутни за да ги надгледуваат операциите, но вештачката интелигенција управуваше со секоја фаза – од подготовка на пациентите за прегледи и спроведување на самата дијагностика, до справување со активностите по прегледот.

„Нашата работа нуди почетни сознанија за тоа како да се примени вештачката интелигенција надвор од рамките на самата алгоритамска ефикасност, насочувајќи ја кон трансформација на клиничките работни процеси и постигнување интеграција на ниво на целиот систем – со што на крајот се создава вистинска клиничка вредност“, наведоа истражувачите во својот труд.

- Advertisement -

Првичните резултати покажаа дека системот на почетокот имал релативно ниска стапка на успешност во идентификувањето на состојби како што се глауком и макуларна дегенерација. Сепак, точноста значително се подобрила откако искусни офталмолози внеле 1.426 висококвалитетни снимки со прецизни дијагнози во базата на податоци на системот. Овој сет на податоци се покажал како покорисен од првичниот, кој содржел речиси 27.000 снимки со послаб квалитет.

Со новите податоци точноста на системот за вештачка интелигенција надминала 0,93 на стандардизираната дијагностичка скала AUROC, израмнувајќи се со други напредни системи за анализа на медицински снимки.

- Advertisement -

Истражувачите забележаа и интересен тренд во користењето на алатката. По почетниот период на интензивна употреба, нејзината примена опаднала. Анализата покажа дека во еден момент процесот со вештачка интелигенција се користел во само 3,8 проценти од прегледите. До следниот месец таа бројка се зголемила на 23 проценти, откако истражувачите го оптимизирале системот, ја зголемиле неговата брзина и ја поедноставиле употребата преку намалување на бројот на потребни кликови.

„Нашето рано искуство покажа дека имплементацијата на здравствена заштита заснована на вештачка интелигенција всушност претставува предизвик за целиот екосистем“, истакнаа истражувачите. Тие додадоа дека ефективноста не зависи само од перформансите на алгоритмот, туку и од „квалитетот на податоците, интеракцијата во работниот процес, вклученоста на лекарите, соодветното управување и мерливата клиничка вредност“.

Брзината беше истакната како трет клучен фактор. Повратните информации од лекарите мораа да бидат моментални за системот да може да се подобрува во реално време, наместо со задоцнување од неколку недели. Следствено на тоа, тие сметаат дека тесната соработка помеѓу клиничарите и експертите за вештачка интелигенција во оваа област е од суштинско значење.

Иако ваквите клиники сè уште се реткост, резултатите од тестирањата покажуваат дека тие можат да бидат успешни доколку се исполнети соодветните услови. Сепак, постојат одредени предизвици, како што се нееднаквостите во пристапот. Конкретно, вештачката интелигенција се фокусира на крајниот исход – дали пациентот ја има болеста или не – додека лекарите првенствено се занимаваат со симптомите, како што е поплаката на пациентот за заматен вид.

Самиот факт дека вештачката интелигенција прецизно ги анализира снимките не гарантира автоматски подобра грижа за пациентите. Затоа, авторите на студијата сугерираат дека идните тестирања треба помалку да се фокусираат на статистичките перформанси.

„Успехот на здравствен систем заснован на вештачка интелигенција треба да се мери според тоа дали тој ја трансформирал клиничката пракса и ги подобрил исходите од лекувањето, а не според тоа дали постигнува врвни резултати на тестовите“, заклучуваат истражувачите.

Студијата е објавена во списанието Nature Medicine.

(ScienceAlert)

(фото: Pxhere)

- Advertisement -