Сем Алтман, извршен директор на американската компанија OpenAI, изјави дека светот има право да се плаши, но треба да им верува на компаниите што работат на полето на вештачката интелигенција.
„Светот треба да верува дека ние ќе постапиме правилно, бидејќи тоа е исправната работа и ја чувствуваме сериозноста на ситуацијата“, рече Алтман на конференција во Сан Франциско, организирана од софтверската компанија Salesforce.
Тој истакна дека луѓето имаат оправдан страв во врска со вештачката интелигенција бидејќи можностите на овие алатки брзо еволуирале.
„Не ни треба толку многу имагинација како порано за да замислиме како работите би можеле да тргнат наопаку. Мислам дека светот има право да стравува од ова“, рече Алтман.
Ова е прво јавно обраќање на Алтман откако минатата недела стана вирална објавата на еден истражувач кој ја напуштил компанијата за вештачка интелигенција Anthropic; тој тврдеше дека вештачката интелигенција би можела да ги убие сите луѓе до крајот на деценијата доколку не се контролира.
Оттогаш, неколку други раководители и експерти за вештачка интелигенција се согласија со таа проценка, иако не објаснија како дошле до тие заклучоци, ниту пак точно како вештачката интелигенција би можела да доведе до таков исход.
На конференцијата Алтман го изрази и своето уверување дека компаниите за вештачка интелигенција – како неговата – се способни суштински сами да се регулираат.
„Ќе го направиме тоа како што треба; цврсто сум убеден во способноста на нашата компанија и на индустријата да го сторат тоа безбедно“, рече Алтман, додавајќи дека е сигурен оти усогласеноста и безбедноста ќе останат чекор пред технолошките можности, како и дека доколку не можат да го обезбедат тоа, ќе го забават или стопираат напредокот.
По коментарите на Алтман, првиот човек на Meta, Марк Цукерберг, напиша на платформата X дека секоја лабораторија за вештачка интелигенција има способност и поттик да преземе сопствени мерки за создавање алатки и модели на вештачка интелигенција дизајнирани да ја гарантираат безбедноста.
„Секоја лабораторија што нема да се фокусира на усогласеноста ќе заостане. Лабораториите се соочуваат со значителна одговорност доколку нивните модели предизвикаат штета, па затоа имаат силен поттик да го спречат тоа“, рече Цукерберг.
(021)
(фото: Wikimedia)





























