Назален спреј добиен од човечка плацента може да заштити од влошување на Алцхајмеровата болест

- Advertisement -

Протеините амилоид-бета и тау се карактеристични ѐа Алцхајмеровата болест, но тие не се единствените кои придонесуваат за состојбата. Друг фактор кој е поврзан со когнитивниот пад е хроничната активација на специфични клетки во мозокот – имено микроглија и астроцити – кои можат да ги оштетат невроните преку невроинфламација.

Во нова студија објавена во Translational Neurodegeneration, научниците можеби пронаjдоа начин да помогнат во спротивставувањето на тоа воспаление, со помош што доаѓа од она што може да изгледа како неверојатен извор: плацентата.

- Advertisement -

Во експеримент тим предводен од научници од Католичкиот универзитет на Светото срце во Италија третирал глувци со назална формулација што содржи ситни честички наречени екстрацелуларни везикули, добиени од клетки пронајдени во човечката плацента.

„Особено ветувачки пат во регенеративната медицина вклучува искористување на терапевтскиот потенцијал на екстрацелуларните везикули, особено оние изолирани од мезенхимални стромални клетки (MSC). Екстрацелуларни везикули добиени од MSC (MSC-EVs) се наночестички кои посредуваат во меѓуклеточната комуникација и за кои е докажано дека потенцијално испорачуваат биоактивни молекули со антиинфламаторни и невропротективни својства.“, пишува тимот во својот труд, предводен од првиот автор и клеточен биолог Андреа Папаит.

- Advertisement -

Во нивното истражување научниците користеле посебен вид на екстрацелуларни везикули добиени од MSC – наречени везикули добиени од човечки амнионски мезенхимални стромални клетки (hAMSC-EVs) – добиени од плацентарната амнионска мембрана.

Откако ќе бидат подготвени, формулацијата на назалниот спреј била администрирана на трансгени глувци кои биле генетски модифицирани да развијат карактеристики на Алцхајмерова болест. Глувците добивале дози од експерименталниот спреј двапати неделно во текот на шест месеци, од тримесечна возраст – во која точка сè уште не манифестирале симптоми слични на Алцхајмерова болест – до деветмесечна возраст.

- Advertisement -

Тестовите со флуоресцентни бои потврдија дека hAMSC-EVs ги достигнале сите региони на хипокампусот и биле колокализирани и со неврони и со микроглија.

Тестовите за однесување покажаа дека глувците третирани со формулацијата hAMSC-EVs покажале подобрени когнитивни перформанси во споредба со контролните животни во тестовите што мереле препознавање на објекти и просторна меморија. Третманот значително ги намалил амилоид-бета наслагите во хипокампусот, иако не изгледало дека влијае на тау фосфорилацијата.

Кај третираните животни исто така се забележани значително намалени знаци на невровоспаление во хипокампусот, со намалена активација и на астроцитите и на микроглијата, а покажале и повисоки нивоа на протеини поврзани со невропластичноста, вклучувајќи ги ARC, GluA1 и BDNF.

Во посебен лабораториски експеримент клетки од кожата на луѓе со спорадична Алцхамерова болест биле репрограмирани во матични клетки, а потоа диференцирани во неврони. Во овие клетки третманот со екстрацелуларни везикули (EV) го намалил пропаѓањето на невроните и го вратил поздравото ниво на експресија на протеини поврзани со невропластичноста.

Резултатите се надоврзуваат на претходните студии на дел од истиот тим, кои сугерираат дека мезенхималните матични клетки (MSC) добиени од плацентата имаат силни имуномодулаторни својства, што ги прави погодни за регенеративна медицина – вклучително, можеби, и за идни третмани на Алцхамеровата болест.

„Севкупно, нашите наоди укажуваат на тоа дека hAMSC-EV (екстрацелуларните везикули од мезенхимални матични клетки од човечка амнионска мембрана) го ублажуваат невровоспалението преку преобликување на воспалителната микросредина, а не преку директна имуносупресија. Забележаните промени во фенотипот на микроглијата, профилот на цитокини и факторите поврзани со невропластичноста сугерираат дека hAMSC-EV поттикнуваат поволна средина која го поддржува интегритетот на невроните, синаптичката функција и хомеостазата на другите популации на мозочни клетки“, пишуваат истражувачите.

Иако постои голем потенцијал, истражувачите признаваат дека сè уште не знаеме дали овие позитивни резултати би се повториле кај луѓе со когнитивно опаѓање. Тие сугерираат дека идните студии ќе овозможат испитување на оваа можност и подобро разбирање на молекуларните механизми што ги овозможуваат овие невропротективни ефекти.

„Ова се претклинички резултати кои бараат дополнителна потврда кај луѓето и сè уште не претставуваат достапна терапија за Алцхамеровата болест, но укажуваат на многу ветувачки правец. Разбирањето на некои од механизмите преку кои плацентата природно го регулира воспалението и ги штити ткивата би можело да понуди нови алатки за третман на невродегенеративни болести, а пошироко гледано, да покаже дали употребата на екстрацелуларни везикули претставува нова граница во третманот на невролошките болести“, вели водечкиот истражувач и невронаучник Клаудио Граси.

Студијата е објавена во Translational Neurodegeneration.

(Science Alert)

(фото: Flickr)

- Advertisement -