„Дрон Клиника“ на Давид Илиевски: германско искуство – македонска иновација

- Advertisement -

Давид Илиевски е основач на „Дрон Клиника“ од Скопје, специјализиран центар за дронови, кој во земјава функционира веќе четири години. Давид, своето искуство во компанијата Drohnen Praxis во Германија го пренесува во земјава, со желба многу популарната и брзо растечка индустрија и нејзините услуги да им ги понуди и на македонските граѓани.

„Дрон Клиника“ е место кое нуди многу услуги, меѓу кои и сервисирање, продажба, дијагностика, одржување и развој на нови решенија. Тимот работи на 3D дизајн и производство на сопствени компоненти, модификација на постоечки дронови, развој на софтверски решенија, интеграција и прилагодување на AI системи и развој на сопствени производи како мобилниот теренски куфер за дронови.

- Advertisement -

Целта, вели Давид, е да се изгради комплетен екосистем околу корисникот на дрон – од совет при купување и обука, преку сервис и техничка поддршка, па сè до развој на целосно индивидуализирани решенија.

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Давид, објасни ни што е „Дрон Клиника“?

„Дрон Клиника“ е специјализиран центар за дронови, но би рекол дека денес сме многу повеќе од класичен сервис. Нашата цел е на клиентот да му понудиме цел пакет – од избор и купување на дрон, советување и обука, па сè до сервисирање, дијагностика, одржување, модификации и развој на специфични решенија.

- Advertisement -

Во Германија фирмата функционира веќе 8 години, каде што стекнавме огромно искуство во сервисирање и работа со различни типови дронови и професионални корисници. Во Македонија сме присутни веќе 4 години, со идеја искуството и стандардите што ги стекнавме во Германија да ги донесеме и овде.

Работиме најмногу со DJI, но нашата работа не се сведува само на замена на скршен дел. Се занимаваме со дијагностика, калибрација, анализа на дефекти, модификации, техничко советување, продажба на дронови и опрема, како и со развој на сопствени решенија.

Она што особено сакаме да го развиваме е иновативниот и инженерскиот дел. Имаме 3D принтер со кој дизајнираме и изработуваме различни елементи за дронови, развиваме сопствени решенија, работиме на софтвер за калибрација и дијагностика и модифицираме постоечки DJI дронови според потребите на клиентите.

Затоа „Дрон Клиника“ за нас не е само работилница. Тоа е место каде што клиентот може да дојде со било какво прашање поврзано со дронови и да добие решение, совет или насока.

Како дојдовте до идејата да отворите „Дрон Клиника“ во Скопје и колку време веќе функционира овој концепт?

Мојата приказна со технологијата и електрониката започнува уште од детството. Отсекогаш ме интересирало како функционираат работите и најчесто сакав нешто да расклопам само за да видам што има внатре и како работи.

Подоцна животот ме однесе во Германија, каде што се запознав со мојот пријател и соработник Лук. И тој имаше огромен интерес кон електрониката и технологијата. Од хоби започнавме да купуваме неисправни уреди, да ги поправавме и повторно да ги ставаме во функција.

Така дојдовме и до првите дронови. Купивме два неисправни дрона и успеавме од нив да составиме еден функционален. Тоа беше моментот кога сфативме дека во оваа технологија има огромен потенцијал. Од хоби постепено преминавме во професионална работа. Во Германија компанијата денес функционира веќе 8 години, а во Македонија „Дрон Клиника“ работи 4 години.

Во текот на тие години не се фокусиравме само на тоа да поправаме што повеќе дронови, туку постојано да учиме и да го прошируваме знаењето. Дел од тоа искуство го стекнавме и преку професионални обуки, меѓу кои и DJI Enterprise Solution Engineering обуката.

Кога решивме да започнеме и во Македонија, идејата беше едноставна – да донесеме професионален пристап и знаење од пазар кој е многу поразвиен и да создадеме место каде што корисниците на дронови во Македонија ќе можат да добијат комплетна поддршка.

Со какви предизвици и дефекти најчесто се соочуваат сопствениците на дронови?

Најчесто кај нас доаѓаат дронови кои претрпеле пад или некаков физички удар – оштетени пропелери, краци, мотори, гимбали, камери, сензори или електроника. Но, нешто што го забележуваме многу често е дека корисниците не обрнуваат доволно внимание на состојбата на дронот пред самиот лет.

Многу проблеми можат да се спречат со едноставна проверка. Пропелерите треба да се проверат дали имаат пукнатини или оштетувања, потребно е да се следи состојбата на батериите, а зависно од условите и потребите, да се направат соодветни проверки и калибрации на IMU, GPS и компасот.

Затоа ние не сакаме само да го земеме дронот, да го поправиме и да му го вратиме на клиентот. Сакаме да го научиме корисникот како да се грижи за својот дрон и како да спречи дефект пред тој да се случи.

Секој клиент добива совети и препораки. Сметаме дека превенцијата е многу поважна од самата поправка. Ако можеме да спречиме некој да падне и да го оштети дронот за неколку илјади евра, тогаш сме направиле многу повеќе од обичен сервис.

Какви други услуги им нудите на клиентите, освен сервисирањето? Кои услуги се најбарани?

Најбарани се секако поправки на веќе оштетени или претходно „крпени“ дронови, сервисирање и детална анализа на дефектот. Многу често кај нас доаѓаат дронови кои биле поправани на друго место, но проблемот не бил целосно решен.

Покрај сервисот, нудиме и продажба на дронови и опрема, а многу ни е важно клиентот пред купувањето да добие правилен совет. Не секој корисник има потреба од најскапиот или најновиот модел. Секој дрон има своја намена и ние се обидуваме да го насочиме клиентот кон решението што реално му одговара.

Нудиме и менторство и поддршка за пилотите, особено за оние кои сакаат професионално да се занимаваат со дронови и да се подготват за А1/А3 обуката.

Но, нашата идеја е грижата за клиентот да не заврши со купувањето или поправката. Ако некој има прашање – како да го одржува дронот, како да го подготви за лет, како да избере опрема, како да реши одреден проблем – сакаме да му помогнеме. За нас задоволниот клиент е најважен. Затоа „Дрон Клиника“ ја гледаме како долгорочен партнер на корисникот, а не само како место каде што се остава скршен дрон.

Кои типови дронови најчесто се употребуваат кај нас и во кои сектори/индустрии се најчести?

Во Македонија најчесто се користат малите хоби и потрошувачки дронови, но сè повеќе се застапени и професионалните модели, особено кај фотографите и видео-продукциите.

Ако зборуваме за индустрии, би ги издвоил фотографијата и видеопродукцијата, но и безбедноста – особено полицијата и пожарната.

Кај полицијата дроновите можат да бидат исклучително корисни за набљудување, потрага по лица, лоцирање возила и други оперативни задачи. Кај пожарната, пак, се користат за лоцирање на жаришта и следење на ситуацијата од воздух, што овозможува многу подобра слика за тоа што се случува на терен.

Во последно време забележуваме и поголем интерес од индустријата со фотоволтаични панели. Дроновите со термални камери можат многу рано да детектираат дефекти и аномалии на панелите, а истовремено можат да помогнат и при мапирање и мерење.

Но, една од областите за која сметам дека допрва ќе има огромен развој е земјоделието. Дроновите сè повеќе се користат за рана детекција на болести и промени кај растенијата, следење на состојбата на земјоделските површини и идентификување на проблематични делови од насадите. Со соодветни камери и сензори може многу порано да се забележи дека одреден дел од насадот има проблем, што овозможува навремена реакција наместо земјоделецот да го забележи проблемот дури кога штетата е веќе направена.

Покрај мониторингот, денес постојат и специјализирани земјоделски дронови кои се користат за прскање и посејување. Тоа е технологија која овозможува попрецизна примена на препаратите, пристап до терени каде што механизацијата потешко може да помине и поефикасно покривање на одредени површини.

Токму оваа година нашиот тим имаше можност да помине дводневна професионална обука во Минхен, Германија, посветена токму на примената на дроновите во земјоделието. Таму имавме можност практично, од лице место, да видиме како функционираат овие системи и колку дронот може да придонесе во современото земјоделие. Научивме како се користат земјоделските дронови, како функционира процесот на прскање, како се врши сеењето со дронови и, можеби најважно, кои се реалните предности од нивната употреба.

Тоа искуство ни покажа дека дронот во земјоделието не е само „летечка машина“, туку може да стане сериозна работна алатка која овозможува побрза работа, поголема прецизност, заштеда на ресурси и навремена реакција. Сметам дека ова е област во која Македонија има огромен потенцијал, особено ако се земе предвид колку значајно место има земјоделието кај нас.

Каква е состојбата на пазарот на труд и наоѓањето квалификувани кадри кои би работеле во вашата индустрија во Македонија?

Ова е интересна тема бидејќи дрон-индустријата бара многу различни знаења. Не е доволно само да знаете да управувате со дрон. За сериозна работа потребни се знаења од електроника, механика, софтвер, програмирање, сензори, комуникациски системи, обработка на податоци и, секако, познавање на самите летачки системи.

Во Македонија, за жал, генерално многу малку внимание се обрнува на занаетчиските и техничките професии. Тоа е нешто што треба да се промени, затоа што без луѓе кои знаат практично да создаваат, поправаат и развиваат, нема вистинска технолошка индустрија. Од друга страна, радува фактот што токму оваа нова индустрија привлекува многу ентузијасти. Има млади луѓе кои се заинтересирани за технологија, 3D печатење, електроника, програмирање и дронови. Наша цел е токму тие ентузијасти да добијат можност практично да го применат своето знаење и да се развиваат професионално.

Колку употребата на дронови е застапена во Македонија, во споредба со Германија? Какви се разликите?

Македонија напредува, но мора реално да кажеме дека сè уште заостануваме зад Германија во однос на имплементацијата на дроновите во секојдневниот живот и во индустријата. Во Германија многу повеќе се размислува како дронот да се интегрира во конкретен работен процес. Не е само „ќе летаме со дрон“, туку „како оваа технологија може да ни ја олесни работата, да ни заштеди време и да ја зголеми безбедноста“.

А дроновите навистина можат значително да ја олеснат работата – во одредени процеси и до 70 проценти, зависно од индустријата и конкретната задача.

Денешните професионални дронови имаат неверојатни можности. Имаат модули и системи базирани на вештачка интелигенција кои можат да помогнат при лоцирање на луѓе и возила, броење на луѓе, прецизно мапирање и катастарско снимање, мерење волумен при ископи, геометрија, инспекција, термално детектирање на рани жаришта на пожари, па дури и ласерско мерење на дистанца.

Можноста да имате поглед од воздух во 360 степени, да соберете огромно количество податоци и потоа тие податоци да ги обработите со софтвер и AI системи, целосно го менува начинот на кој се работи во многу индустрии. Ние токму тука гледаме огромен потенцијал за Македонија.

Дали македонските граѓани сакаат и дали имаат можности да ги следат најновите технологии како и европјаните?

Мене лично многу ме радува фактот што, и покрај разликата во куповната моќ, македонските граѓани и тоа како ги следат светските трендови. Тоа го гледаме и преку моделите што доаѓаат кај нас. На пазарот се присутни и најновите модели, а луѓето многу брзо се информираат што е ново, што нуди новата генерација и кои се можностите.

Разликата со Германија е повеќе во обемот на пазарот и степенот на индустриска имплементација. Германија има многу поголем економски и индустриски систем кој може побрзо да ја апсорбира оваа технологија. Но, интересот кај македонските корисници постои. И токму затоа верувам дека со подобра едукација, поголема достапност и повеќе професионални услуги, Македонија може многу побрзо да го намали тој јаз.

Какви се вашите планови за во иднина, планирате ли проширување на услугите или нови соработки?

Нашата цел во иднина е клиентите да можат да добијат цел пакет на едно место. Не сакаме само да продаваме дрон, ниту само да поправаме дрон. Сакаме да бидеме компанија која ќе може да го следи клиентот од првиот момент – од изборот на дронот, набавката и конфигурацијата, преку обука и советување, до сервис, одржување, модификација и развој на специфично решение.

Работиме и на повеќе сопствени иновации. Еден од проектите на кои особено сме фокусирани е мобилен куфер за дронови, кој би бил целосно подготвен за работа на терен. Замислата е во него да има монитор, систем за напојување и полнење на батерии, простор за алати, резервни делови и сè што е потребно за професионалецот да може да работи директно на терен. Практично, мала мобилна работилница која може да се понесе секаде.

Работиме и со 3D дизајн и печатење, каде што можеме да создадеме сопствени компоненти и прототипи, а паралелно развиваме и софтверски решенија за калибрација и дијагностика.

Особено интересен дел е и вештачката интелигенција. Не сакаме само да ги користиме готовите AI модули што ги нудат производителите. Ние сакаме да ги прилагодуваме на конкретните потреби на клиентите – да ги храниме со релевантни податоци, да ги тренираме и да ги оптимизираме за конкретни задачи. На пример, ако одреден клиент има потреба од препознавање на специфичен објект, лице, возило или одреден тип на аномалија, целта е системот да може да се прилагоди токму за таа намена.

Во иднина сакаме да работиме и на земјоделски апликации. По дводневната обука што ја имавме оваа година во Минхен, уште повеќе се уверивме дека земјоделските дронови имаат огромен потенцијал кај нас – од рана детекција на болести и стрес кај растенијата, преку мониторинг и мапирање, па сè до прецизно прскање и посејување. Сакаме стекнатото знаење да го примениме на нашиот пазар и во иднина да можеме на земјоделците да им понудиме не само дрон, туку комплетно решение – опрема, обука, техничка поддршка, анализа на податоци и прилагодување на системот според конкретната потреба.

Тоа е насоката во која сакаме да се движиме – од сервисирање кон развој на сопствени технологии и решенија. Веруваме дека Македонија не треба само да ги купува и користи новите технологии. Треба и самата да развива нешто свое.

- Advertisement -