Британци прават дигитален музеј со 70 милиони примероци од животни, растенија, фосили и карпи со помош на вештачка интелигенција и роботи

- Advertisement -

Истражувачи во Обединетото Кралство користат вештачка интелигенција и роботи за да создадат дигитален музеј што содржи приближно 70 милиони примероци од животни, растенија, фосили и карпи од збирки низ целата земја. Проектот, познат како „Дистрибуиран систем на научни збирки“ (DiSSCo UK), има за цел да им овозможи на јавноста и на истражувачите пристап – преку телефони и компјутери – до збирки кои претходно биле достапни само во ограничена мера.

Скенирањето на примероците – што вклучува нивно фотографирање и запишување податоци од рачно напишани етикети, често стари со векови – би одзело стотици години доколку се врши рачно; сепак, со помош на роботи и вештачка интелигенција, задачата би можела да се заврши за околу една деценија, наведуваат истражувачите. Во проектот се вклучени околу 100 музеи, ботанички градини, универзитети и други организации.

- Advertisement -

Во почетната фаза ќе се дигитализираат збирки на инсекти и растенија во Велс и Шкотска; ова опфаќа околу половина милион примероци во Кардиф и 13 милиони примероци што заеднички ги поседуваат Кралската ботаничка градина во Единбург и Националните музеи на Шкотска.

Истражувачите истакнуваат дека обединувањето на милиони примероци ќе овозможи подобро проучување на промените во природниот свет низ историјата – вклучувајќи го влијанието на индустриската револуција и климатските промени – како и попрецизни предвидувања во врска со идните промени и губењето на видовите. Винсент Смит од Природонаучниот музеј во Лондон изјави дека збирките, кои документираат долги периоди на промени, ќе им овозможат на научниците да ги проучуваат минатите настани и да почнат да предвидуваат што би можело да се случи во иднина.

- Advertisement -

Според истражувачите, процесот на дигитализација ќе ги опфати и фосилите и карпите, што потенцијално ќе помогне во истражувањето на минералите неопходни за развој на зелените технологии.

(BBC/021)

- Advertisement -

(фото: Pexels/Mingche Lee)

- Advertisement -