На 17 и 18 октомври, од 10:30 до 17:30 часот, во „Лабораториум“ во Скопје ќе се одржи „Yes for Less Викенд“, дводневен настан посветен на одржливото живеење, локалните еко-бизниси и граѓанскиот активизам. Настанот го организира здружението Yes for Less, а влезот е бесплатен за сите посетители.
По три успешни изданија на Саемот на еко-бизниси, оваа година иницијативата прераснува во поширок настан што ќе ги обедини претприемачите, активистите, уметниците и граѓаните заинтересирани за поодржлив начин на живот.
Во текот на двата дена, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со повеќе од 20 локални еко-бизниси, да проследат седум тематски дискусии, уметнички перформанси и изложби, како и проекција на краткометражниот документарен филм „Спас за Рашче“. Предвидена е и работилница за деца.
Програмата ќе отвори теми што ја поврзуваат екологијата со секојдневниот живот, меѓу кои влијанието на пластиката и невидливите хемикалии врз здравјето, развивањето еколошка свест кај децата, граѓанскиот активизам, апатијата и системските решенија за управување со отпадот.
Дел од дискусиите ќе бидат посветени и на личните искуства на претприемачи кои развиваат одржливи бизниси, како и на предизвиците со кои се соочуваат при создавањето производи и услуги што имаат помало влијание врз животната средина.
Во центарот на настанот ќе бидат локалните еко-бизниси, кои ќе претстават рачно изработени и природни производи, храна, козметика, производи од рециклирани материјали и практични алтернативи за поодржливо секојдневие.
Посетителите ќе можат директно да разговараат со производителите, да се запознаат со нивните приказни и да откријат како со своите потрошувачки избори можат да придонесат за поддршка на локалната економија и заштита на природата.
Основната порака на „Yes for Less Викенд“ е дека позитивните промени не се резервирани само за експертите за животна средина. Секој може да придонесе преку начинот на кој купува, користи ресурси, создава производи, води бизнис или учествува во граѓански иницијативи.
Здружението Yes for Less повеќе од пет години преку платформата yesforless.mk ги поврзува граѓаните со еколошки бизниси, практични совети, локации за селектирање отпад, едукативни содржини, работилници и настани. Целта е одржливото живеење да стане поедноставно, подостапно и применливо во секојдневието.
Овогодинешниот настан се реализира со поддршка на Воден, Wolt, Еко-свест и Greenland Group.
„Yes for Less Викенд“ ќе се одржи на 17 и 18 октомври во „Лабораториум“ во Скопје, од 10:30 до 17:30 часот. Влезот е бесплатен, а целосната програма е достапна на профилите на Yes for Less на Instagram и Facebook.
Yes for Less Викенд: Еко-саем, дискусии и работилници за одржливо живеење
- Advertisement -
- Advertisement -



























