Д-р Дарко Доневски – српски астрофизичар, писател и популаризатор на науката, како и еден од водечките светски истражувачи на вселената – направи необичен и длабоко симболичен гест во рамките на научната заедница.
„Пред една година, користејќи ги телескопите ALMA и James Web мојот тим и јас откривме 17 галаксии во длабоката вселена. Во чест на студентите, одлучив една од нив да ја наречам SL3. Исто како и самите студенти, и оваа галаксија поминала долг пат за нејзината светлина да стигне до нас. Некои од ѕвездите во неа се многу млади – тукушто родени – додека други настанале пред повеќе од 7 милијарди години. Таа исто така содржи огромни резерви на молекуларен гас, кој ќе продолжи да го поттикнува создавањето на нови ѕвезди“, пренесува Citymagazin.
Долго време, SL3 остана „невидлива“ за оптичките телескопи поради гасот и правта (јаглеродот) со кои е исполнета. Сепак, телескопите ALMA и James Webb открија дека во своето јадро, SL3 крие извонреден сјај, поттикнат од постојаното создавање на нови генерации ѕвезди. Таа ќе продолжи да свети уште 3 милијарди години!
Дури и кога SL3 ќе престане со интензивното создавање нови ѕвезди, нејзината приказна не мора да заврши. Во неа останува космичка прав – можеби трага од минатото, но истовремено и потенцијална компонента за некоја нова иднина. Зашто во вселената, исто како и меѓу луѓето, промените не престануваат само затоа што сè навидум замолкнува.
„Формално, галаксиите добиваат ’официјални‘ каталошки имиња од Меѓународната астрономска унија – имиња кои обично се сувопарни и неинспиративни. Затоа одлучив да следам една вообичаена научна практика: да доделам симболично, неофицијално име – такво што може да се користи во медиумите, во научните трудови и на конференциите“, напиша д-р Доневски на својот профил на социјалната мрежа X.
(N1)
(фото: Pexels/ Huzaifa Mustajab)





























