Македонија се претставува на меѓународниот саем за туризам што денеска почна во Хелсинки, Финска
Како што соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), на саемот МАТКА, најголем на нордискиот пазар, земјава ќе учествува на настанот за интензивно вмрежување „Matka Workshop Day” кој брои преку 450 тур-оператори и туристички агенции.
„Со оглед на фактот дека Македонија има конкретна понуда за овој саем, очекувањата се големи. Нордиците преферираат активен туризам, а ние сме подготвени за нив.“, велат од АППТ.
Претходно, на почетокот од 2018 година, Македонија учествуваше и на саемот за туризам „Vakantiebeurs” во Утрехт, Холандија, каде имаше 1.100 изложувачи од 700 дестинации и 109.000 посетители за седум дена.
Според АППТ, остварени беа средби со тур-оператори меѓу кои и со најголемите од Холандија кои соработуват со земјава: ТУИ и КОРЕНДОН, но и со ТО КРАС. Притоа сите изразиле интерес за македонскиот туристички производ.
„Бројни се и преговорите за покревање на свесноста на земјава преку соработки со холандски блогери и блогери, кои според најновите трендови во туристичката индустрија, се каналот преку кој потенцијалните туристи дознаваат и покажуваат интерес за туристичките дестинации.“, информираат од Агенцијата.
Според статистичките податоци, бројот на туристи надвор од летната сезона е зголемен, а очекувањата на АППТ се дека таквата тенденција ќе продолжи и ќе иницира дополнителен интерес за потенцијални инвестиции во туристичките капацитети, што би значело и нови вработувања и зајакнување на економијата.
(МИА)