Во населбата Автокоманда во општина Гази Баба е поставена еко зоната на „Нула отпад“.
„Здравјето, односно здравата животна средина во која живееме сега ние, а во иднина и нашите поколенија е од суштинско значење. Со брзиот развој на технологијата доаѓа и до големи количини на електричен и електронски отпад кој иако навидум изгледа дека не би ја загадувал околината во која живееме, воопшто не е така.“, изјави градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски.
Рече дека токму со неговото несоодветно исфрлање и уништување доаѓа до испуштање на тешки метали во воздухот, водата и почвата, а со тоа и загрозување на животната средина во која живееме.
Додаде дека со цел подигнување на свеста за оваа опасност, компанијата „Нула отпад“ организира разни акции со цел информирање на граѓаните за опасноста од електронскиот отпад, како и насочување на истите, како и каде би можеле да се ослободат од него.
Ги повика жителите на општина Гази Баба да се приклучат кон оваа акција, да го пријават електричниот и електронскиот отпад, но, и да се ослободат од малите неисправни уреди – батериите, фрлајќи ги во наменските садови поставени во Автокоманда.
Габаритниот електронски отпад може да се пријави на 070-236-000, а екипите на Нула Отпад организираат директно собирање на отпадот од домовите на граѓаните.