Од вчера е активна мерката самовработување со грант во рамки на Оперативниот план за 2018 година
Со овој план се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат:
-создавање на нови работни места,
-поддршка за креирање на нови работни места и
-зголемување на вработливоста на невработените лица.
За реализација на мерките во ОП 2018 се издвоени 1.040.794.835 денари. Со овие средства се предвидува поддршка за самовработување, поддршка за креирање на нови работни места, обуки за стручни квалификации и вештини, програма за работно ангажирање преку општинско-корисна работа и јавни работи, како и низа други услуги.
За разлика од претходните оперативни планови за вработување, оваа година е поедноставена содржината на програмите за вработување и услугите. Јасно се дефинирани критериумите, како и корисниците на кои се однесуваат програмите за вработување. Грантовите за самовработување се поставени флексибилно и изнесуваат 4000 до 5.000 еврa за поединец, односно 10.000 евра за здружување на бизнис од двајца содружници.
Годинава е дадена можност за комбинација на мерките, односно по завршувањето на една мерка, истото лице може да биде корисник на друга мерка. Пример, по завршување на некоја од обуките, може да се вклучи во субвенционирано вработување.