Nissan неодамна излезе со интересна идеја како да ги искористи старите батерии од електричните автомобили. Планот им е батериите на кои поради постојано празнење и полнење им е намален капацитетот, но се уште работат, да ги вградуваат во уличното осветлување. Проектот го нарекоа The Reborn Light, односно новородено светло.
Како што расте популарноста и бројот на произведени електрични автомобили, понатамошното менаџирање со батериите станува се поголем проблем. Иако моментално немаат голем пазарен удел, електричните возила имаат потреба од поголем број батерии. Електричните возила имаат и потреба од одреден напон, односно волтажа. Кога со стареењето на батериите ќе почне да опаѓа таа волтажа, тие ќе може да се искористат на други места каде што е потребен помал напон.
Nissan новото улично осветлувње во партнерство со 4R Energy Corporation ќе го постави во јапонскиот град Намие, кој во 2011 година го погоди земјотрес. Уличното осветлување целосно ќе биде независно од електричната мрежа бидејќи ќе се напојува со помош на соларни панели кои се наоѓаат на врвот. Поради тоа нема да бидат потребни никакви кабли ниту некаква комплицирана инсталација.
Првото осветлување компанијата планира да го инсталира на крајот на месецот во фабрика која ќе преработува батерии од електрични возила. Ако се помине како што е планирано, пошироката инсталација би требало да почне во текот на годинава. Меѓутоа, Nissan има уште неколку идеи за употреба на старите батерии. Една од можните намени е изработка на мали независни електрани, ки би се користеле за итни случаи.