Подемот на инфлуенсерите и нивното влијание во новата ера на маркетинг

- Advertisement -

Единственото прашање кое треба да го одговорат брендовите е како да продадат нешто, без да продаваат ништо – да се фокусираат на пласирање на брендот во свеста на потрошувачите

Пишува- Мартина Берберу, маркетер

Влијание – непознатата “X”во равенката на маркетингот. Малку можат да го предизвикаат, а многумина се подложни на него. Во свет предводен од страна на миленијалци – генерација која знае точно што сака и веднаш сака да го добие истото, брендовите макотрпно се трудат да откријат како да влијаат на паметните и искусни потрошувачи кои вешто се водат низ џунглата на џинглови, мегалајти и досадни дигитални реклами. Всушност, единственото прашање кое треба да го одговорат брендовите е како да продадат нешто, без да продаваат ништо – да се фокусираат на пласирање на брендот во свеста на потрошувачите, да ја добијат нивната доверба и да им влијаат позитивно преку инфлуенсери.

- Advertisement -

Интернет рекламирањето, еден вид ренесанса на маркетингот, претставува нова и свежа платформа како алтернатива на традиционалниот, “изветреан” маркетинг. Рекламирањето на веб портали и социјални медиуми е поефикасно и поефективно, со пониски трошоци, поголема сегментација и поголема респонзивност од страна на потрошувачите – ова им е добро познато на сите брендови, од магнатот “Coca-Cola” па се до помалите, локални бизниси како скопската пекара за крофни “Donut Factory”, заплеткана во мрежата на социјалните медиуми преку спонзорирани објави.

Зошто тогаш, корисниците се почесто инсталираат софтвери за блокирање на рекламите кои се појавуваат на порталите и ги прескокнуваат оние реклами кои ќе успеат да се протнат низ филтерот?
Бројот на инсталирања на таканаречените “ad-block” екстензии е повисок од било кога бидејќи компаниите ја играат играта на масовниот маркетинг на теренот на сегментираниот маркетинг, каде правилата и параметрите се поинакви.
Благодарение на заситеноста од pop-ups, во рамките на интернет маркетингот спонтано настана уште една адвертајзинг платформа, позната како инфлуенсерски маркетинг или рекламирање преку инфлуенсери. Оваа маркетиншка алатка е релативно нова и целосно се потпира на врската или односот помеѓу личност која фигурира како влијателна на одреден социјален медиум и нејзините следбеници. Колку е посилна врската, толку е поголемо влијанието. Иако користењето на славните личности за продажба на одреден производ ни е веќе добро познат концепт, идејата за инфлуенсерите се базира на нивната поврзливост со обичниот човек. Современите инфлуенсери се реални, обични луѓе – не славни личности. Овој метод на рекламирање го употребува влијанието кое што инфлуенсерот го има врз одредена заедница или одреден број на следбеници на неговиот профил и го насочува кон создавање на свест за постоењето на одреден бренд или производ. Разликата помеѓу инфлуенсери и славни личности кои рекламираат производи се секако трошоците, како и степенот на инволвираност во приказната за брендот.

- Advertisement -

Клучниот фактор за успехот на инфлуенсерите е сегментираната заедница или публика која ги следи профилите на инфлуенсерот. Секој инфлуенсер има специфична публика, слично како што и секој производ или бренд има своја таргет група. Успешниот инфлуенсер умее да ја преобрази рекламата во природни, секојдневни и привлечни објави на социјалните медиуми додека истовремено останува доследен на вредностите кои ги цени неговата публика. Тој работи само со брендови кои се вклопуваат во неговиот животен стил, односно брендови чија таргет група ја сочинуват неговите следбеници. Се што треба да направи една компанија е да најде ваков инфлуенсер кој ќе претставува жив и динамичен израз на брендот. Како и повеќето работи, инфлуенсерите се делат на макро и микро. Иако макро инфлуенсерите имат далеку повеќе следбеници од микро инфлуенсерите, вторите создаваат многу посилна и поинтимна врска со својата заедница, односно повеќе влијаат на своите следбеници бидејќи се фокусираат на конкретни вредности и карактеристики кои ги делат со нив.

- Advertisement -

Суштината на работењето на инфлуенсерите не е во рекламирањето на производи преку објави, туку во остварувањето на значајна интеракција со својата публика која за возврат ќе обезбеди доверба. Довербата е витална за воспоставување на долгорочен и позитивен однос и позиционирање на инфлуенсерот како референта точка на влијание – способност која е клучна доколку сака да стане дел од маркетинг стратегијата на брендот.
Со помош на новите карактеристики и алатки на социјалните медиуми, инфлуенсерите имаат моќ да го надминат недостатокот на доверба помеѓу потрошувачите и компаниите, како и одбивноста кон рекламите, а како резултат на тоа се очекува да го продолжат својот растечки тренд во текот на годината. Иако компаниите сеуште применуваат традиционални методи на рекламирање, маркетинг експертите и истражувачите на пазарот едногласно се согласуваат дека инфлуенсерите како форма на рекламирање претставуваат нова ера на маркетинг која се уште е во својот подем.

Сподели!
- Advertisement -