Првиот македонски бризер со ракија Бalkan Chill станува препознатлив бренд

- Advertisement -

Бalkan Chill е првиот македонски бризер со ракија, достапен на македонскиот пазар нешто повеќе од една година. Иновативност зборуваше со Симона Станковиќ, генерален менаџер на компанијата која се вратила од Дубаи за да го развие овој бренд и ни раскажа повеќе за настанувањето на овој бризер со ракија

Симона Станковиќ

(Разговараше – Бисера Срцева)

- Advertisement -

Како започна приказната на Бalkan Chill и како дојдовте до идејата за ваков производ?

Приказната за тоа како дојдовме до идејата е многу интересна и се случи пред околу четири години кога учевме странец како да пие ракија. Бидејќи му беше многу јака, почна да ја меша со газиран пијалок. Тогаш се сетивме дека на нашиот пазар не постои ваков тип на пијалок. Инаку ни требаше околу една година да го усовршиме рецептот, односно да добиеме вкус кој ќе ни се допаѓа. Почнавме да работиме заедно со тимот кој требаше да ја подготви документацијата за претставувањето на производот на пазарот што претставуваше предизвик сам по себе, бидејќи е навистина тешко да се пласира нов производ, а посебно производ кој многу луѓе не го разбираат.

- Advertisement -

Што содржи рецептот на Бalkan Chill и како го усовршивте?

Имавме околу дваесет вкуса на почетокот, но почнавме да елиминираме еден по еден за да дојдеме до денешниве три вкуса: лимон, праска и јаболко. Откако го воспоставивме рецептот, ангажиравме и технолог кој, и според законските правила, мора да го провери производот. Инаку, овој пијалок се подготвува со тиквешка лозова ракија и се полни во фабриката на Горска. Ракијата и другите состојки се македонски, а стаклото и капачињата, односно амбалажата ги увезуваме. Што се однесува до адитивите во бризерот, гледавме колку што е можно да бидат поприродни.

- Advertisement -

Кога официјално го лансиравте производот и какви се реакциите?

Минатата година на 2 февруари го промовиравме во Скопје во Casa Cubana, што беше официјалното лансирање на Бalkan Chill на македонскиот пазар. Во летниот период почна да се продава и во Охрид и таму беше доста популарен по кафулињата бидејќи генерално се перципира како летен пијалок. Почнавме да добиваме позитивни реакции и коментари дека токму летото е вистинско времето на алкохолните пијалоци со овошна нота.

Колкав е потенцијалот на бризерот Бalkan Chill за лансирање на странски пазари?

Изминатиот период се фокусиравме да го претставиме производот и надвор од македонскиот пазар. Се претставивме во Виена и Загреб како македонски стартап, а претставувањето во Виена беше преку програмата за стартапи на Social Impact Lab. Подоцна се претставивме и во Белград. Наидовме на дистрибутери за во Хрватска и Австралија со кои сме во преговори да почнеме да го извезуваме производот таму. Планираме да растеме, да се прошируваме на меѓународни пазари и моментално сме фокусирани на тоа. Производот е уникатен и сметаме дека може да освои неколку странски пазари.

Каде се во Македонија може да се најде бризерот со ракија Бalkan Chill?

Овде во Македонија, Бalkan Chill може да се најде во поголемите Веро маркети, како и во вкупно 60 локали низ неколку градови во Македонија, односно најмногу во Скопје, па во Струмица, Охрид, Струга, Битола итн. Битно ни е многу пијалокот да им се допадне и на персоналот во локалите, бидејќи кога странец ќе дојде и ќе праша каков македонски пијалок може да се напие, Бalkan Chill е совршениот производ бидејќи го содржи традиционалниот македонски пијалок – ракијата и е првиот македонски бризер со ракија.

Во локалите ценовно се движи од 100 денари па нагоре, а ние најчесто им препорачуваме цената да биде максимум до 140 денари.

Какви ви беа очекувањата за успехот на бризерот и во кој правец ја насочувате иднината на Бalkan Chill?

Кога решив да се вратам од странство во Македонија за да основам бизнис, секако имаше реакции од луѓето но не дозволив да ме предомислат бидејќи видов дека во Македонија се отвораат сѐ повеќе стартапи, луѓето започнуваат бизниси бидејќи сакаат да ги реализираат своите идеи. На почетокот не знаевме што да очекуваме, бидејќи претставивме производ кој воопшто не постоеше на пазарот. Некои работи секако не ги очекувавме, како што е продажбата во супермаркети. Но почнавме да го учиме пазарот и сега производството на Бalkan Chill продолжува. Македонските компании после втората година од постоењето најчесто губат желба за бизнис и се демотивираат, и навистина е успех кога ќе ја надминете таа фаза.

Сакаме во иднина да се презентираме во многу повеќе земји во странство, и освен што ќе го промовираме Бalkan Chill, да ја промовираме и ракијата како национален македонски производ. Ниту една земја на Балканот нема бризер со ракија. Ние го патентиравме рецептот во Европска унија и посебно сме задоволни што досега и реакциите од странците се одлични.

 

Сподели!
- Advertisement -