7 C
Skopje
недела, февруари 28, 2021

Викторија, Магдалена и Емилија од „Преплет“ создадоа уникатни дизајни со Брајова азбука за лица со оштетен вид

Kabtel desktop

Трите дизајнерки, Викторија Ланговска, Магдалена Аврамовска и Емилија Ланговска го сочинуваат тимот што повеќе од седум години стои зад концептот „Преплет“. Нивните дизајни и уникатни колекции од постери, шолји, нотеси, перничиња, торби… се широко препознатливи на нашиот пазар. Велат дека сите проекти или колекции ги работат тимски, се надополнуваат и ги менуваат работните обврски и задачи. Меѓу нив владее хармонија и флуидност и заедно со двете девојки задолжени за продажба и crafts, Фросина и Сандра, лесно доаѓаат до потребните промени во типот на работа.

Минатата година тие го лансираа и проектот „Дизајн за сите“, кој содржи уникатни и иновативни маици, со дизајни испечатени со Брајова азбука и наменети за лицата со оштетен вид. За оваа извонредна идеја и за нејзиниот развој, разговараме со Емилија Ланговска.

Емилија, кажете ни нешто повеќе за концептот што го негува „Преплет“?

„Преплет“ е дизајн студио со свое продажно место, основано во 2013 година во Скопје, создадено со цел да биде оптимистичко и инспиративно место кое ќе нè потсетува дека малите работи го прават моментот голем. Нашата цел при дизајнирањето е да создадеме производи преку кои секој ќе може да си се поврзе на свој и индивидуален начин. Секој наш производ носи автентична порака на себе и има задача да остане парче кое ќе отсликува момент вреден за паметење.

Сè до денес, студиото се занимава со дизајн и изработка на засебни колекции на сопствени производи за големопродажба и малопродажба, како и давање на дизајн услуги, во кои сме соработувале со голем број компании од Македонија и од Европа како „Виза“, „Телеком“, „Авицена“, „Халк банка“, „Ред бул“, повеќе невладини организации и други фирми.

Нашите, сопствени колекции, пак, се составени од специјално дизајнирани производи како постери, шолји, нотеси, тефтери, перничиња, тематски комплети, торби, лампи и уште многу други персонализирани детали. Низ годините, нашето продажно место прерасна во концепт продавница, во која покрај нашите производи може да се најдат и производи во соработка со други дизајнери и сите оние кои доаѓаат да нѐ посетат да можат да го најдат идеалниот подарок за себе и за блиските.

Како еден од поспецифичните се издвојува проектот Дизајн за сите. Што е суштината на вашата замисла што го прави уникатен?

Пред сè, името Design for All, односно Дизајн за сите, значи дека има цел да ги опфати сите групи на луѓе, вклучувајќи ги и лицата со оштетен вид. Дизајнот како сфера е тесно поврзан со визуелниот аспект на работите и нивниот изглед и токму тоа ги прави лицата со оштетен вид најдистанцирани од него. Со овој пилот проект сакавме да започнеме да создаваме производи кои ќе содржат тактилен момент во склоп на нивниот дизајн.

Процесот на дизајнирање на оваа колекција подлежеше на многу истражувања, проби, тестирања и комбинирање на техники. Колку повеќе дознававме за секојдневието на лицата со оштетен вид, тенденцијата за промена на дизајните растеше, сè со цел да успееме на најдобар можен начин да го „пренесеме” визуелното преку тактилност. Главниот предизвик беше сето ова да биде инклузивно и да не е наменето исклучиво за слепи лица. Горди сме што успеавме да направиме уникатни и софистицирани унисекс дизајни кои што се во тек со моменталните модни трендови, а воедно им даваме шанса на лицата со оштетен вид да учествуваат во изборот на работите што ги носат.

Како дојде идејата да создадете дизајн за лицата со оштетен вид?

Идејата за овој проект беше резултат на повеќегодишен стремеж кон дизајнирање со дополнителна општествено одговорна димензија. Во изминатите години имавме неколку хуманитарни акции, па така дојдовме до првични идеи за работа со ранливи групи на луѓе. Со цел да го изградиме концептот, направивме истражување и дојдовме до сознание дека лицата со оштетен вид се всушност и најоддалечени од дизајнот и така се роди идејата за проект кој ќе вклучува дизајн и изработка на инклузивни производи. Во моментот кога почувствувавме дека сме доволно подготвени да превземеме таков чекор, аплициравме за грант.

Што содржи колекцијата „Дизајн за сите“, што велат за неа, вашите клиенти, лицата со оштетен вид?

Досега е реализирана една колекција која се состои од пет типови унисекс маици. Секоја маица има илустрација и порака, која што освен што е испишана на англиски јазик, исто така е преведена и на Брајова азбука. Пораките се поетични, превземени од текстови на стари џез песни како Fly Me to the Moon, Dancing Cheek to Cheek и други. Тактилниот момент е постигнат преку везење на дел од содржината, а е надополнет со принтање на текстил, со што се постигнува и визуелен ефект.

Во моментов, можеме да кажеме дека колекцијата предизвика многу позитивни реакции кај потрошувачите. Сè уште нема поминато една година откако го реализиравме проектот и го пуштивме во јавноста и  многу е рано за да го измериме резултатот. Да не заборавиме дека 2020 година не зафати и пандемијата на Ковид 19, што ни отежна многу патеки за промоција на оваа колекција, како кај нас, така и во странство. Се надеваме дека оваа 2021 ќе имаме повеќе можности на соработка и ширење на производите во повеќе концептуални продавници низ Европа.

Како соработката со Фондот за иновации и технолошки развој ви помогна да го реализирате проектот?

Аплицирањето за грант е процес кој што сам по себе носи бенефиции бидејќи го прави апликантот поподготвен и идејата ја претвора во реален проект. Поддршката од Фондот беше од големо значење бидејќи малите бизниси како нашиот најчесто немаат можност да направат поголем чекор и да започнат нешто ново. Особена чест ни е што сме едни од првите фирми кои добија грант за проект од областа на дизајнот.

Какви се вашите планови за во иднина врзани за Преплет и за Дизајн за сите“?

Tale Detail е нашиот нов бренд, со кој се стремиме да ги пласираме нашите производи и надвор од Македонија. Во блиска иднина планот е да започнеме со онлајн продажба и надвор од нашата држава, а потоа и со пласман на производите на европскиот пазар.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •