Гимназијалците од Штип кои со својата иновација, маска за мобилен телефон наменета за лицата со Рејнаудов синдром или познат како синдром на студени раце, предизвикаа голем интерес во јавноста, добија стипендии за студирање на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје. УАКС ги награди петмината матурантите од штипската гимназија “Славчо Стојменски” со целосни стипендии за додипломски студии на Факултетот за Деловна економија и организациони науки и Факултетот за Компјутерска техника и информатика.
Тимот на матуранти составен од Никола Патриклиски, Гордана Арсова, Андреа Спирова, Марија Трајковска и Стефан Маневски изработија маска за телефон која ги загрева рацете, наменета за лицата со Рејнаудов синдром односно лица со послаба циркулација на крвта во рацете. Со оваа иновација тие го освоија првото место во категоријата e – health во натпреварот за стартап идеи Get In the Ring, кој се одржа во октомври минатата година во рамки на Startup Europe Awards 2017 во Скопје.
Потенцијалот на младите иноватори го забележа менаџментот на Универзитет Американ Колеџ Скопје, кој континуирано стимулира и инвестира во проекти и програми за развој на потенцијалот и можностите на младите во Македонија.
Мисијата на УАКС е секогаш да биде во тек со постигнувањата на младите во Македонија и навреме да им пружи вистинска подршка и квалитетно образование. Овој потег беше повод да поразговараме со Марија, Андреа и Никола кои ќе студираат на Факултетот за Деловна економија и организациони науки и Гордана и Стефан кои ќе студираат на Факултетот за компјутерска техника и информатика.
“Добивањето на стипендиите беше едно убаво изненадување. Добив телефонски повик од Универзитетот Американ Колеџ и најнапред ми честитаа за освоената награда и за групно постигнатиот успех, а потоа ми кажаа дека тие секогаш се отворени за соработка со млади и абициозни студенти и ни понудија целосни стипендии за секој од нас. Не знаев што да одговорам на почетокот бидејќи сето тоа беше навистина неочекувано. Подоцна го посетивме Универзитетот кој ни остави прекрасен впечаток“, раскажува Марија Трајковска за добивањето на стипендиите.
Овој потег е од огромно значење за младите луѓе и мотивација плус затоа што некој навистина препознал квалитет и потенцијал.
“Првиот впечаток што ни го остави Универзитетот е навистина за пофалба, почнувајќи од атмосферата за работа па се до професорите кои на секаков можен начин се обидоа да ни го доближат факултетот за кој бевме заинтересирани. Доделувањето на стипендии имаат големо значење за нас пред се бидејќи УАКС беа први и единствени кои покажаа интерес и за нас како идни студенти, но и за нашата идеја и ни овозможија прекрасни услови за понатамошен развој на нашата кариера. Голема чест и задоволство е што ќе бидеме дел од тимот на УАКС“, вели Андреа Спирова.
Со нив поразговаравме и за иновацијата до која тие дојдоа и со која направија голем успех. Од каде дојде идејата и како се формираше тимот?
“Менторот, професорот Петковски ги информираше учениците дека е отворен повикот за аплицирање за натпреварот Get In the Ring и голем дел од нив пројавија интерес, но на крај успеавме да формираме само една целосна екипа која ќе аплицира на натпреварот со бизнис идеја. Во моментот кога дознавме за натпреварот немавме идеја со која ќе се претставиме. Кога смислувавме концепт за производ со кој ќе се претставиме, размислувавме тоа да биде производ кој ќе им помага на луѓето и за кoј ќе постои побарувачка. На крај ја разработивме идејата за маска за телефон која со испуштањето на топли бранови ќе им помага на лицата со Рејнаудов синдром“, објаснува Никола Патриклиски.
До која фаза е процесот на реализиција на самиот производ?
“Се уште е во тек реализација. Досега е изработен само грејачот кој ја има главната функција во маската, односно испуштање на топлите бранови. Следно е грејачот и изолационите материјалите да се вклопат во маската за телефонот. Освен натпреварот во Брисел планираме да се пријавиме и на други натпревари се со цел да го презентираме нашиот производ пред повеќе инвеститори“, ги открива идните планови Гордана Арсова.
Овој пример на млади луѓе чија идеја го сврте вниманието на јавноста и на Универзитетот Американ Колеџ Скопје е потврда дека е неопходно посилно поттикнување на иновативното и претприемничко размислување во Македонија. Неопходно е младите креативци да се поддржуваат на патот до успех.
“Мое мислење е дека иновативноста и креативност треба да се поттикнува уште од мала возраст во текот на севкупното образование на секоја личност. Поттикот може да роди амбиција и мотивација да се раѓаат и реализираат нови идеи во сите области“, дециден е Стефан Маневски.