Кредитот не треба да биде само извор на пари, туку алатка со која човекот може да ги подобри сопствените услови за живот и позитивно да придонесе за заедницата

- Advertisement -

Интервју со Билјана Јовановска, директор на сектор Деловна мрежа во Штедилница Можности


Во време кога пристапот до финансии станува сè поважен за развојот на микро и малите бизниси, претприемништвото и локалните заедници, финансиската инклузија добива пошироко значење од самото одобрување кредит. Таа има важна улога и во создавањето позитивен социјален импакт, затоа што кога на луѓето им се овозможува пристап до соодветно и одговорно финансирање им се дава можност да создаваат, да инвестираат, да ја подобрат сопствената економска положба и да придонесуваат во заедницата во која живеат.

За младите кои имаат бизнис идеја, за жените претприемачи, земјоделците, занаетчиите и малите семејни бизниси, достапното и соодветно финансирање може да биде важен чекор кон раст, инвестиции и создавање нови можности.

- Advertisement -

За улогата на микрокредитирањето во овој процес, потребата од персонализирани финансиски решенија, одговорното кредитирање, развојот на руралните средини, подршката во зелената транзиција, како и за значењето на финансиската едукација, разговараме со Билјана Јовановска, директор на сектор Деловна мрежа во Штедилница Можности.

Јовановска нагласува дека финансиската институција не треба да биде само кредитор, туку финансиски партнер кој го разбира бизнисот, потребите и реалниот финансиски капацитет на клиентот, со цел финансиската поддршка да создава и позитивен социјален импакт за поединецот и заедницата. Во тој контекст, таа посочува дека иднината на микрофинансирањето е во едноставни, достапни и персонализирани решенија, но и во финансиска едукација која започнува уште од најмала возраст.

- Advertisement -

Јовановска зборува и за досегашниот придонес на институцијата во финансиската инклузија, но и за визијата во која младите, жените, земјоделците, занаетчиите и претприемачите ќе можат своите знаење, идеи и труд да ги претворат во реална вредност.


Новинар – Верица Јорданова

- Advertisement -

Што денес значи финансиска инклузија и каква улога има микрокредитирањето во овозможувањето пристап до финансии за луѓето и малите бизниси кои потешко доаѓаат до капитал?

Денес финансиската инклузија или вклученост ја гледаме многу пошироко од самото овозможување пристап до кредит. Таа значи секој човек, без разлика дали живее во урбана или рурална средина, дали е млад човек со идеја, жена претприемач, земјоделец, занаетчија или сопственик на мал семеен бизнис, да има пристап до соодветна финансиска услуга и знаење како таа услуга може да му помогне да ги подобри условите за живот и да придонесе за подобро општество.

Токму тука ја гледаме улогата на микрокредитирањето. Малите бизниси често немаат голем капитал, долга кредитна историја или класични инструменти за обезбедување. Но, тоа не значи дека немаат потенцијал.

Во Штедилница Можности веруваме дека зад секој мал бизнис стои човек, а зад човекот често стои идеја, знаење и желба за успех. Нашата задача е да помогнеме таа идеја да добие можност да се развие.

Затоа за нас финансиската инклузија има три важни компоненти: пристап до финансии, соодветен финансиски производ и финансиска едукација, со крајна цел финансиската поддршка да создава позитивен социјален импакт за поединецот и за општеството.

Младите, жените претприемачи и земјоделците имаат специфични потреби и предизвици. Како финансиските производи можат да бидат прилагодени на нивните реални услови и да им помогнат не само да ги надминат тековните потреби, туку и да создадат можност за раст?

Можности никогаш не ги гледала клиентите како една хомогена категорија. Млад човек кој започнува бизнис, жена која го развива семејниот бизнис и земјоделец кој има сезонски приходи немаат исти потреби и не можат да имаат ист пристап до финансирање.

Кај младите најголемиот предизвик често е почетниот капитал, недостатокот на кредитна историја и искуство. Кај жените претприемачи гледаме бизниси со голем потенцијал за раст, но и дополнителни предизвици во пристапот до капитал. Кај земјоделците, пак, приходите се сезонски и зависат од производниот циклус.

За нас тоа значи заложба за подобро разбирање на потребите на жените претприемачи, младите, клиентите кои живеат во рурални средини преку создавање соодветни финансиски решенија и градење партнерства кои ќе им помогнат да растат и да создават вредност.

Нашата заложба за поддршка на женското претприемништво ја покажавме и преку потпишувањето на Кодекс за финансирање на жени претприемачи, со што ја потврдивме определбата за подобар пристап до финансии и поголема финансиска инклузија на жените претприемачи.

Според Вашето искуство, кои се најголемите финансиски бариери со кои се соочуваат малите и микро бизниси кога сакаат да инвестираат, да го прошират работењето или да создадат нови работни места? Како Можности помага во нивно надминување?

Не секогаш недоволен приход е бариера или ограничена можноста за кредитирање. Бариерата може да биде недостаток на гаранција, кратка кредитна историја, недоволно финансиско знаење или страв од задолжување.

Кај малите бизниси често се среќаваме со луѓе кои одлично го знаат својот занает или дејност, но немаат доволно време или знаење за финансискиот дел од бизнисот.

Тука ја гледаме нашата улога. Во Можности се обидуваме да бидеме поблиску до клиентот, да го разбереме неговиот бизнис и да најдеме решение кое е соодветно за неговиот реален капацитет.

Нашата деловна мрежа и присутноста на терен ни овозможува да бидеме присутни и таму каде што можностите за традиционално финансирање се помали. Веруваме дека микро бизнис денес може да биде мал или среден бизнис утре, а нашата задача е да помогнеме тој премин да биде возможен.


Земјоделството и бизнисите во руралните средини имаат специфични услови на работење. Како да се обезбеди поголема достапност на финансиски услуги и еднакви можности за раст и надвор од урбаните средини

Руралниот развој не може да се одвои од финансиската инклузија. Ако сакаме економски развој, не можеме да размислуваме само за поголемите градови или урбани средини. Во руралните средини постојат земјоделци, семејни бизниси, занаетчии, мали производители и луѓе со идеи кои можат да создадат дополнителен приход и нови работни места.

Предизвикот е тие можности да ги направиме видливи и финансиски достапни.

Потребна е комбинација од локална деловна мрежа, дигитални услуги, финансиски производи приспособени на сезоналноста и партнерства со организации кои работат со земјоделци и локални бизниси.

Како ја балансирате потребата да се овозможи полесен пристап до финансии со потребата од одговорно кредитирање и заштита на клиентите од прекумерно задолжување?

Финансиската инклузија не значи „кредит за секого“. Напротив, вистинската финансиска инклузија значи клиентот да добие финансирање кое може одговорно да го користи и враќа, но и финансирање кое создава вредност. Кредитот не треба да биде само извор на пари, туку алатка со која човекот може да ги подобри сопствените услови за живот и позитивно да придонесе за заедницата.

Мора да постои баланс меѓу достапноста и проценката на кредитниот ризик. Треба да го разбереме реалниот капацитет на клиентот, неговите постојни обврски, приходите, вредноста која ќе се создаде и можноста за отплата.

Транспарентноста е исто така исклучително важна. Клиентот треба да знае колку ќе го чини кредитот, кои се неговите обврски и што значи задолжувањето за неговиот семеен или деловен буџет.

За нас успешен кредит не е само кредит што е одобрен. Успешен кредит е кредит кој му помогнал на клиентот да го реализира тоа што го планирал, создал дополнителна вредност,  а притоа не го довел во финансиски проблем. Токму тука се спојуваат финансиската инклузија и одговорното кредитирање

Од перспектива на деловната мрежа и директниот контакт со клиентите, кои промени во нивните потреби ги забележувате и какви финансиски решенија ќе бидат најпотребни во иднина?

Клиентите денес се многу поинформирани и имаат поголеми очекувања. Сакаат брзина и едноставност, но истовремено сакаат да разговараат со некого кој ги разбира.

Затоа иднината ја гледам во поедноставни, побрзи и поперсонализирани финансиски решенија, но и во подобро користење на податоците за да можеме навреме да ги препознаеме потребите на клиентот, да го мериме нивниот прогрес и да го следиме влијанието како кај клиентот така и во општеството.


Ако тргнеме од тезата дека младите, жените, земјоделците и малите бизниси не бараат само кредит, туку можност за раст – што треба да направи финансискиот сектор за таа можност да стане реалност?

Фокусот не треба да биде само на тоа колкав кредит можеме да му дадеме на клиентот, туку пред сè да разбереме каков потенцијал има и што му е потребно за тој потенцијал да стане реалност. Тоа значи финансиски производи кои се едноставни и достапни, процеси кои не создаваат непотребни бариери, но и советување, партнерства и, особено, финансиска едукација.

Нашата институција не е фокусирана на бројот на одобрени кредити, туку во бројот на луѓе на кои сме им помогнале да направат следен чекор, да започнат, да инвестираат, да пораснат, да создадат работно место или да изградат подобра иднина за своето семејство.

Во изминатиов период обезбедивме финансиските можности да бидат подостапни за граѓаните и микро и малите бизниси, а во иднина сме фокусирани да помогнеме Македонија да биде уште подобро  место каде што луѓето, особено младите, жените, креативците, земјоделците, занаетчиите и претприемачите, ќе можат своите знаење, идеи и труд да ги претворат во реална вредност.

А токму зборот „Можности“ за нас не е само име. Тој е и нашата одговорност, да создаваме можности за луѓето, за бизнисите и за заедницата во која работиме.

Како Штедилница Можности, преку своите финансиски производи и активности, ја поддржува зелената транзиција кај домаќинствата, микро и малите бизниси?

Штедилница Можности веќе 20 години ги поддржува домаќинствата во подобрувањето на условите за живот, особено во делот на домувањето, вклучително и преку финансирање инвестиции кои придонесуваат за поголема енергетска ефикасност, намалување на трошоците за енергија и подобрување на квалитетот на живот.

Позитивното искуство и добрите практики од поддршката на домаќинствата ги пренесовме и во сегментот на микро и малите бизниси, овозможувајќи им пристап до финансиски средства за инвестиции во енергетски ефикасна опрема, обновливи извори на енергија и одржливи деловни решенија. На овој начин, зелената транзиција ја гледаме не само како придонес кон заштитата на животната средина, туку и како можност за намалување на оперативните трошоци, зголемување на конкурентноста и долгорочна економска одржливост на нашите клиенти.

Особено значајна улога во реализацијата на зелената агенда имаат партнерствата со организации со кои споделуваме исти вредности и заедничка визија за одржлив развој. Преку ваквите партнерства создаваме можности финансиската поддршка да биде надополнета со дополнителни поволности, знаење и поттик за инвестирање во зелени решенија.

Нашата цел е зелената транзиција да не биде привилегија само на големите компании и финансиски посилните домаќинства, туку да биде достапна и за микро и малите бизниси, земјоделците и семејствата кои имаат потреба од финансиска поддршка за да направат позитивна промена во своето работење и секојдневие.


Покрај својата основна финансиска дејност, Можности реализира и активности со пошироко општествено значење, меѓу кои и финансиска едукација. Зошто една штедилница треба да вложува во нешто што нема директен финансиски поврат?

Tука посебно би ја издвојала финансиската едукација кај децата. Таа веќе е присутна во основното образование, што е значаен чекор напред. Но, сметам дека особено важно е таа едукација да биде континуирана, практична и ефикасна, за децата навистина да ја разберат, а не само да ја препознаваат како уште една тема во образовниот процес.

Штедилница Можности активно спроведува работилници на тема за финансиска едукација на најмалите, децата во предучилишна и училишна возраст затоа што најмали нозе децата треба да разберат што значат парите, како се заработуваат, што значи штедење, планирање и одговорно трошење, но и дека вредноста на човекот не се определува според тоа колку пари има неговото семејство.

Токму тука цениме дека преку финансиската едукација може да имаме и поширока општествена улога. Кога децата ќе разберат дека парите се средство, а не мерило за вредноста на човекот, можеме да влијаеме и врз начинот на кој тие ги доживуваат своите врсници. Разликите во материјалните можности меѓу семејствата не треба да создаваат поделби, чувство на помала вредност или причина за потсмевање и исклучување.

Затоа финансиската едукација не треба да ги учи децата само како да управуваат со парите, туку и како да ја разберат нивната вистинска вредност. Тоа е инвестиција во финансиски писмени, одговорни и посамостојни генерации, но и во општество со поголемо разбирање, емпатија и почитување на различностите.

Ако сакаме финансиски одговорни граѓани и претприемачи во иднина, не треба да почнеме кога човекот ќе стане полнолетен и ќе земе прв кредит. Треба да почнеме многу порано.

На тој начин не создаваме само идни клиенти на финансискиот сектор. Создаваме финансиски писмени граѓани кои подобро ќе управуваат со своите пари и својата иднина.

Октомври е месец на штедење. Што е актуелно во Вашата понуда овој месец?

Градењето култура на штедење е една од основните цели на штедилницата. Отсекогаш нашите штедни продукти биле атрактивни на пазарот. Би истакнала дека за месецот на штедење имаме атрактивна понуда на нашите денарски депозити со каматни стапки до 3,80%.

- Advertisement -