4 C
Skopje
недела, април 11, 2021

Македонија и Грција во преговори за поевтин роаминг

Kabtel desktop

Македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски  и грчкиот министер за дигитална политика, телекомуникации и медиуми, Никос Папас и телекомуникациски оператори од Македонија и Грција следниот месец ќе одржат средба за конкретни решенија и временска рамка за да започне процедурата за намалување на цените во роаминг меѓу Грција и Македонија.

Согласност за тоа е постигната на денешната средба на министрите Манчевски и Папас во Софија, соопшти македонското Министерство за информатичко општество и администрација.

Манчевски го информираше Папас за меморандумот за соработка и предвидените активности за намалување на цените за роаминг со Бугарија, како принцип којшто може да се примени и со Грција.

Двајцата министри се согласија заедно со операторите од Македонија и Грција, да се сретнат во Македонија, крајот на следниот месец каде ќе се разговара за конкретни решенија и временска рамка за да започне процедурата за намалување на цените. Министерот Папас потенцираше дека ова ќе биде особено значајно за граѓаните, ако се има во предвид големиот број на грчки и македонски граѓани кои патуваат во двете земји, се вели во соопштението од МИОА.

Како што истакна министерот Манчевски, станува збор за решение од кое ефектите ќе ги почувствуваат сите граѓаните и поради тоа постои цврста волја тоа да се реализира и во пракса.

Министерот Папас се осврна и на искуството на Грција во делот на дигитализација на администрацијата и на земјоделството. Од МИОА укажуваат дека постои интерес од страна на Грција да ги споделат своите најдобри практики во тие области, за што исто така ќе се разговара во јули во Македонија. Целта на договорените средби е да се започне со конкретни активности и проекти и дефинирање на потребните услови за нивна реализација.

Манчевски во Софија учествува на Дигиталното собрание 2018, со кое стартуваше Дигиталната агенда за Западен Балкан на Европската унија.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •