0.4 C
Skopje
сабота, јануари 18, 2020

Македонскиот стартап Спин го репарира стариот мебел и создава уникатен ентериер

Kabtel desktop

Марта Минаркова (Мојсова) работи дизајн на мебел и ентериер, а преку натпреварот „Филантропија на зелени идеи“, го лансирала својот бренд Спин – стартап кој има цел да го репарира стариот мебел и да му најде нов дом наместо истиот да заврши на депонија. Ова беше поводот за интервјуто кое Иновативност го направи со Марта.

(Разговараше – Бисера Срцева)

Како дојдовте до идејата за Спин и како почна приказната на брендот? 

Професионално се занимавам со проектирање и изведба на мебел и ентериер. Со текот на времето почнав да гледам убавина и во старите парчиња мебел кои ја изгубиле својата вредност и функционалност, а кои со  помала или поголема интервенција можат да станат дел и од современите ентериери. Спојот на желбата за подигање на еколошката свест кај луѓето како и љубовта кон дизајнот го создадоа брендот Спин.

Освен што учествував на натпреварот „Филантропија на зелени идеи“, освоив и награда за да го лансирам стартапот. Оваа награда многу пријатно ме изненади и ми даде голем поттик за работа со оглед на тоа дека натпреварот е на балканско ниво со голема конкуренција и многу квалитетни и издржани идеи. Претпоставувам дека јас ги имав добро конципирано сите потребни елементи за натпреварот, посебно еколошкиот и социјалниот аспект. Комисијата ја увиде потребата од еден ваков проект на нашите простории чија првобитна цел е намалување на отпадот, а со тоа и намалување на загадувањето на воздухот, проблематика која во моментов е многу актуелна на глобално ниво.

Во првата фаза на проектот беа реализирани акции за откуп на стар мебел во руралните средини кој инаку би завршил како огревно средство или дел од отпад. Потоа следеше работилница со млади архитекти и создавање на нови дизајни од откупениот мебел. На крај беше реализирана соработка со повеќе локални занаетчии со кои што сѐ уште соработувам и се дел од тимот на Спин, и соработка со неколку млади дизајнери кои создадоа графички печат за потребите на брендот.

Каков мебел репарира Спин и како се одвива процесот на репарација?

Спин репарира секаков тип на мебел кој има потенцијал да стане уникатно дизајниран мебел. Тој потенцијал го гледам во различни типови на фотељи и столици (посебно од 60тите и 70тите години), комоди, маси и витрини. Посебно внимание и време се посветува на парчињата кои се антиквитети и се со поголема вредност. Секое парче мебел си бара посебен процес на репарација во зависност од тоа во каква состојба е и што сакаме да добиеме како краен производ. Репарирањето е макотрпен процес кој бара многу време, внимание и вештини.

Најпрво го смислувам дизајнот и крајниот производ кој сакам да го добијам, потоа го набавувам целиот потребен материјал за неговата изведба (избор на мебел штоф, боја, се изработува графички печат, оков и се што е потребно). Потоа се носи во работилница и се почнува со процесот на репарирање – од вадење на постојната боја и лак, менување на сунѓер и се друго што треба да се промени до крајните техники на патинирање, резбање, цртање на мебел или платно итн.

Со каков тим работите, споменавте соработка со локални столари и тапетари, како и ткајачки? 

Да, како што веќе споменав, мојот тим се состои пред сѐ од локални занаетчии: столари, тапетари, бравари и ткајачки. Секако тука е и соработката со разни дизајнери кои ги аплицираат своите графички дизајни на мебелот. Ткајачките се од руралните средини и села низ државата, кои рачно изработија многу ткаенини кои се користат како мебел штоф.

Многу е важно тоа што ги вклучуваме овие категории на занаетчии и ткајачки бидејќи нивните занаети кои се многу вредни, полека ги снемува. Со вклучување на овие занаетчии во процесот на репарација на мебелот, нашата компанија допринесува овие занаети повеќе да се ценат и да опстојат на пазарот.

 

Каде може да се најде репарираниот мебел од Спин и како може да ве контактираат оние што се заинтересирани да си набават репариран мебел?

Дел од мебелот може да се најде во продавницата Think, неколку парчиња имаше во Public Room, но моментално продавницата не работи. Присутни сме постојано на дизајнерски изложби, како на пример есенската изложба „Анти-индустријал” во галеријата Акантус. Поголемиот дел од мебелот може да се види во просториите каде што е сместена фирмата, на ул. Орце Николов или на изложбите на кои учествувам.

Најчесто репарираниот мебел го правиме по нарачки, а нарачки може да се прават на Фејсбук страната на Спин на следниов линк.

Кои се предностите од реискористувањето на стариот мебел бидејќи ова е пред сѐ една општествено одговорна работа?

Прво би рекла враќањето во живот на некои посебни парчиња мебел. Секако овде е општествената одговорност. Спин има еколошка мисија за намалување на отпадот од мебел кој најверојатно би завршил како огревно средсто. Внимаваме и на зачувување на некои културни вредности, како на парчињата мебел, така и на традиционалните занаети.

Исто така, сѐ поактуелни се vintage производите кои ја имаат вредноста на минатото, а се обработени и приспособени на денешницата.

Каква ви е визијата за иднината на Спин? 

Планираме нови изложби и нови колекции за во иднина, а моментално размислуваме да ги надополнуваме и со додатоци за домот. Фирмата постојано работи со нарачки од луѓето кои не се спремни да се одделат од својот мебел, а сакаат промени и уникатни парчиња. Јавните простори и ентериери би можеле духовито и уникатно да се решат или возобноват по овој принцип на трансформации и репарирање. Во иднина се надеваме да отвориме сопствен салон за мебел со различен асортиман на производи.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •