Македонски патент: Изумот на иноваторот Зоран Крстевски од вода и воздух прави еколошка енергија

- Advertisement -

Иноваторот Зоран Крстевски има пронајдок што користи вода и воздух за производство на чиста еколошка енергија. Тој својот изум го патентирал во 2016 година во Државниот завод за индустриска сопственост. Неговата идеја е уникатна, што покажале и проверките што Заводот ги направил низ целиот свет. Крстевски во моментов бара партнери и средства за изработка компјутерска симулација на неговиот изум и за изработка на протитип. Уверен е дека неговиот пронајдок може да помогне Македонија да биде помалку зависна од увоз на енергија

„Денеска енергијата е основата за се` во животот“, вели Крстевски на почетокот на разговорот со Иновативност посветен на неговиот изум. Во модерното време без енергија речиси ништо не би функционирало, но тоа создава притисок врз ресурсите, кои се ограничени и се трошат многу бргу. Тренд во светот е да се поттикнува искористувањето на алтернативните извори на енергија, на сметка на фосилните горива, кои не само што се во ограничени количини, туку се и сериозни загадувачи на воздухот, водата и почвата. Сите развиени земји стимулираат вложување на сериозни финансии во трансформирање на технологиите кои ги користи нивната индустрија, со акцент на воведување зелена енергија од сонцето, ветерот или водата.

Од тие причини, смета иноваторот Крстевски, изумите како неговиот треба да се приоритет во плановите за одржлив развој на секоја земја, особено заради тоа што можат да се адаптираат и применат и за семејни домови и за поголеми капацитети.

- Advertisement -

За да функционира мојот изум доволно е само да има извор на вода, може тоа да биде некој помал или поголем резервоар или пак некој природен извор како река. Практично, енергијата во овој систем се создава на тој начин што се искористува притисокот на водата врз воздухот за создавање на електрична или механичка енергија. Поточно, еден балон со воздух се потопува во базен со вода, кој има подвижно дно во вид на клатно, што постојано се движи лево-десно. Заемното дејство на водата и воздухот е преку две сили во спротивен правец, кои всушност создаваат вишок енергија, која е еколошка и чиста“, објаснува Крстевски.

Со употреба на многу малку сила, посочува иноваторот Крстевски, се добива енергија која е петпати поголема од употребената сила. Во системот наизменично циркулираат само вода и воздух, взаемно дејствувајќи си, што значи дека овој процес може да се повторува безброј пати и да работи постојано без прекин и го прави идеален за искористување во било кое време од годината и на места кои се помалку достапни и немаат можност за друг извор на енергија. Тоа, потенцира Крстевски е и иновативниот дел на неговиот изум.

- Advertisement -

„Системот овозможува реверзибилно користење на истата вода за добивање на енергија. Водата која ќе влезе во резервоарот, со мал потисок на одредена тежина и со трошок на енергија кој е и до десетпати помал од класичните пумпи што денес се користат за искачување на вода, ќе ја потисне водата до исто ниво како и електричната пумпа, и ќе произведе еколошка енергија“, објаснува Крстевски.

- Advertisement -

За да има континуирана работа, потребно е и континуирано снабдување со вода, што, објаснува Крстевски, е причина хидроцентралите да се користат во сезони кога водостојот е висок. Но, карактеристиките на пронајдокот, потенцира тој, го надминува ова и го решава проблемот на подигањето на водата на определена висина и нејзино повторно користење.

„Изумот има поедноставна варијанта, која би се применувала на природни водотеци и која на многу лесен начин би создавала енергија и посложена варијанта, која е и патентирана, која бара изградба на резервоар, мал базен, подвижен дел на дното со клатно и гумен подвижен дел со четири комори“, објаснува иноваторот.

За да се испита детално работата на изумот потребно е да се направи компјутерска симулација со одредени параметри и изработка на прототип. Заради тоа Крстевски, кој по занимање е економски техничар и самоук иноватор, бара техничка поддршка од заинтересирани домашни компании.

„Според моите пресметки, овој пронајдок може да произведе поевтин киловат енергија отколку сончевите колектори. Сепак, потребна ми е стручната помош oд ИТ и машински инженери за да се направат детални истражувања. Мојата крајна идеја е да се изнајде начин Македонија да стане енергетски независна земја, која ќе ги искористува потенцијалите  од ваквиот тип пронајдоци. Во Германија во изминатата година се патентирани четири слични пронајдоци, но јас сепак не би сакал да барам соработка со странски компании, туку со домашни компании“, заклучува Крстевски.

Сподели!
- Advertisement -