Крофните на Donut Factory во Скопје не се само слатко задоволство, туку и успешен бизнис на Виктор Каламарас

- Advertisement -

Шарени и вкусни, преполни со кремови со различни вкусови, свежо овошје и несекојдневни глазури, крофните на Donut Factory веќе една година се дел од менито на многу скопјани. Donut Factory е првата специјализирана продавница за крофни кај нас

Ние не сме ги измислиле крофните, но им дадовме нова димензија, вели за „Иновативност“, сопственикот Виктор Каламарас

- Advertisement -

Отворањето на специјализирана продавница, која ќе понуди врвен квалитет во секое време, е нешто што му требаше на нашиот пазар. Иако одговорноста е голема, сепак, овој млад човек не се плаши да се фати во костец со сите предизвици што нашиот пазар му ги отвора на секој сопственик на нов бизнис. Желбата да биде самостоен и да донесе производ што кај нас го нема, во кој максимално ќе се вложи себеси, својот труд и знаење и ќе го искористи своето искуство е поводот, Виктор да остане во Македонија, а не да замине од земјата. Признава дека никогаш предходно не готвел, ниту пак замесил крофна, но сега го знае секој дел од технологијата за правење совршен производ. Вели дека сопственикот секогаш мора да им биде пример на вработените, па прво тој го совладал занаетот, а сега ги обучува своите колеги.

„Сакав да се докажам првенствено пред себе, но пред другите, дека можам сам да почнам и да развијам свој бизнис. Инвестицијата е целосно моја, од парите, кои како студент ги заработив во САД, а потоа и кај нас“, објаснува Виктор и додава дека финансиското вложување е минимално, во споредба со љубовта и трудот што ги има внесено во својата продавница.

- Advertisement -

Donut Factory постои речиси една година, но развојот на идејата и барањето технологија траеле уште една година. Иако сакал првенствено да почне само со производство и дистрибуција, а без продажно место, сепак, се одлучил да ја отвори Donut Factory. На тој начин е максимално достапен за купувачите, има можност самиот да им ги понуди неговите крофни и да ги доживее нивните реакции. „Реална конкуренција во моментов немаме, иако ние не сме ги измислиле крофните кај нас, туку едноставно ги нудиме со поинаква приказна. Направивме специјализирана продавница во која во секој момент купувачот знае каков производ да очекува, секогаш со иста форма, големина, вкус и квалитет“, објаснува Виктор. За него голема грешка што ја прават компаниите е што, кога ќе се отвори еден нов бизнис, веднаш по него се отвараат уште десетина, кои го копираат. Смета дека на нашиот пазар недостасуваат многу производи и услуги, кои можат да се претворат во успешен бизнис.

- Advertisement -

Во моментов во Donut Factory се продаваат три типови крофни. Првите се познатите прстенести крофни со глазура и со шарени трошки, потоа класичните крофни, полнети со еден од десетте различни кремови и третиот тип се големите крофни. Прстенестите крофни на американскиот, па и на повеќето европски пазари се најбараниот тип. Но, вкусот на нашите купувачи е многу поинаков, објаснува Виктор, ние сакаме поголеми и потестести крофни полни со фил. Сакаме и многу чоколадо, кое е секогаш приоритет во изборот. Но, во Donut Factory вистинското изненадување се всушност крофните со овошни филови. Тие имаат 70 отсто овошје, цели вишни, кајсии или цело рендано јаболко и се препорака од сопственикот за секој клиент. Големите крофни, пак, вели Виктор, треба да се полнети со фил само во средина, но бидејќи нашите купувачи бараат побогати производи решиле да ги прават целосно филувани.

Храбрите клиенти кои решиле да сменат нешто и пробале крофни со овошни филови биле најпријатно изненадени. Иако и јас многу сакам чоколадо, тие и за мене се најубавите крофни. Квалитетот е секогаш приоритет, па за производство користиме специјални увезени смеси и не експериментираме со различни рецептури“, вели Виктор.

Она што ги разликува неговите производи од сите други е што тие во секој момент го имаат истиот квалитет и вкус, форма и полнење. Заради тоа и одлучил, во својата продавница да прави само крофни, за тие да бидат совршени. Најголемо задоволство, вели, му е кога купувачите ќе се вратат повторно и повторно, кога веќе имаат омилени вкусови и глазури, знаат што сакаат, а особено, кога ќе му ја дадат својата доверба за да ги снабдува за нивните важни моменти, како родендени или други прослави.

„Иако, можеби, имаме место, покрај крофните да правиме и пица или тост или мекици и слично, подобро е да се задржиме на еден производ, да се специјализираме и на купувачите да им понудиме, еден, ама врвен продукт“, смета Виктор и додава дека така почнуваат и се негуваат брендовите, се унапредува квалитетот и се привлекуваат поголем број клиенти.

А тие во Donut Factory се од сите возрасти. Купуваат ученици, студенти, пензионери. Последните се и најпребирливи, кога ќе дојдат да купуваат за внучињата тоа е најдобрата потврда за квалитет.

„Купувачите мора да бидат екстремно пребирливи и постојано да бараат максимален квалитет, бидејќи само на тој начин и ќе го добијат. Добиваме многу позитивни коментари, но ги охрабрувам сите клиенти, ако имаат, да дадат и критики, бидејќи само на тој начин ќе знаеме како и што треба да подобриме“, вели Виктор.

Во моментов тој работи на екипирање на добар тим кој ќе му биде движечка сила за освојување на пазарот. Од овој месец крофните на Donut Factory се продаваат кафетеријата „Coffee and friends“, но има барања и од други угостители. Наскоро, крофните ќе може да се најдат и во некои од поголемите маркети, а од пролет ќе има и улична продажба.

 

 

Сподели!
- Advertisement -