1 C
Skopje
понеделник, јануари 20, 2020

Огнен Огненоски: бонитетните оценки кои ги нуди БизнисMрежа.мк помагаат во носење правилни бизнис ослуки

Kabtel desktop

Таргет Груп е компанија која постои од 2012 година, формирана од двајца млади луѓе, Огнен Огненоски и Бојан Џиков, кои и покрај тоа што се едуцирале и живееле во САД и Словенија, решиле да се вратат во татковината и својот бизнис да го развиваат тука. Нивен продукт е платформата БизнисМрежа.мк, која постои од 2015 година и нуди пристап до деловни информации за сите компании кои делуваат во нашата земја.

Таргет Груп во рамките на првиот јавен повик од Планот за економски раст на Владата доби поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој за проектот „Развој на модули на БизнисМрежа.мк и развој на нов производ Credit Information Solutions“.

Огненоски и Џиков, за Иновативност ја објаснуваат целта на надградба на платформата БизнисМрежа со развој на нови модули кои што ќе ја олеснат употребата. Зборуваат и за изградба на сосема нова платформа за изработка и продажба на бонитетни извештаи за компании од регионот. Во блиска иднина ќе промовираат и интернет медиум, Аналитика.мк кој ќе објавува статии врз основа на анализи поткрепени со бизнис податоци.

Разговараше: Сања Наумовска

Кажете ни нешто повеќе за Таргет Груп и за вашиот продукт БизнисМрежа.мк?

Огнен Огненоски: БизнисМрежа.мк е еден целосно нов и иновативен концепт во Македонија. Идејата потекнува од 2012 година и започна како платформа- систем за рано предупредување со сите информации кои излегуваа за компаниите, кои ние ги следевме и ги доставувавме до нашите клиенти. Официјално, БизнисМрежа постои од 2015 година и сѐ уште е единствена кај нас, во поглед на информациите и начининот на кои ги нуди.

Иновативноста на проектот, за кој и аплициравме и за кој добивме средства се однесува на начинот на пресметката на бонитетната оцена и критериумите кои ќе се користат во оценувањето и кои вклучуваат повеќе од 30 индикатори. Оцената ќе се составува еднаш годишно, а најголемо влијание како фактор врз неа ќе имаат билансите.

Во Македонија има околу 70.000 компании, а од нив 470 компании се оценети со бонитетна оцена А (компании со најнизок степен на ризик), а со оценки А и Б вкупно има околку 1.200 компании. Веќе некое време ја разработуваме идејата како да излеземе од маргините на државата, да нудиме услуги на поширок пазар и да им конкурираме на бонитетните куќи кои веќе работат во оваа област со некое иновативно решение. Проектот во моментов е во втората фаза од развојот. Во првата, направивме анализа на пазарот во поранешните jугословенски држави и на дел од eвропските, а во следната фаза проектот ќе се развива и во другите држави од Европа. Имаме разработено неколку иновативни стратегии со кои ќе настапиме на овие пазари, преку регионално здружување на бонитетните куќи од регионот.

Што ќе значи новиот продукт за компаниите?

Бојан Џиков

Бојан Џиков: Таргетот ни се сите европски, па и светски компании кои што работат со фирми од регионот или од овој дел од светот. Она што ќе не разликува од конкурентите е во начинот на кој што ќе се пласираат податоците. Тие ќе бидат достапни за секоја компанија, но целта на проектот е да бидат едноставни, лесно разбирливи и пласирани на начин на кој што преку нив секој деловен човек ќе може лесно да донесе паметни деловни одлуки, без разлика дали има предходно финансиско знаење. Покрај едноставноста на пристапот и на податоците што ќе може да се користат во реално време ќе се разликуваме и со пристапните цени.

Огнен Огненоски: Секоја бонитетна куќа во светот има свој различен начин на бодување и на селективност за тоа колку е успешна секоја компанија, во одредена држава. Нашта идеја е да ги унифицираме тие бонитетни оцени за сите компании во Европа. Тоа ќе биде големо олеснување за клиентите кои ќе треба да донесат одредени бизнис одлуки. Претприемачите сакаат брза и точна информација за да донесат одлука и немаат време за губење.

Колку нашите бизнисмени ги користат податоците од овој тип?

Огнен Огненоски: Во Македонија имаме околку 700 клиенти, а има околу 7.000 компании кои имаат обрт над 15 милиони денари. Кај нас бизнисмените многу малку знаат што е бонитет, бонитетна оцена или кредитен лимит и овие информации се користат многу малку. Заради тоа работиме и на активна едукација на корисниците како ефективно да ја користат БизнисМрежа.мк.

Како се доаѓа до податоците за да се состави оценката за една компанија?

Бојан Џиков: Во секоја земја, па дури и во регионот, податоците се лесно достапни и јавни, освен кај нас, каде што многу тешко се доаѓа до нив. Во европските земји овие податоци се достапни на стопанството заради тоа што бизнис одлуките зависат од нив, а со тоа и опстанокот на компаниите. Кај нас се само делумно достапни, а клучните институции кои треба во целост да ги отклучат податоците се Централниот регистар, судовите, Катастарот и банките.

Во рамките на јаниот повик од Планот за економски раст на Владата добивте и поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој. Што значи тоа за вас?

Огнен Огненоски: Овие проекти стоеја во нашите планови за развој, а соработката со Фондот дојде во вистински момент. БизнисМрежа.мк достигна ниво на развој што го посакувавме и веќе почнавме да размислуваме да излеземе од границите на земјата. Финансиската помош од Фондот ќе ни помогне да направиме анализа на пазарот на кој што сакаме да работим и за нашиот иновативен концепт да слушнат што поголем број на клиенти. Најголем дел од средствата ќе бидат искористени за софтверски развој (повеќе од 30% од вкупните средства), за добивање на ИСО стандарди со што ќе добиеме поквалитетна организација на процесите во нашата компанија, поголема доверба кај нашите клиенти, усогласеност со законската регулатива, зголемување на профит и намалување на трошоци, а дополнително ќе обезбедиме сертификат за безбедност на информации со што ќе бидеме усогласени со законот за заштита на лични податоци. Ќе обезбедиме и нови вработувања, а најголемиот бенефит ќе биде временската рамка во која можеме да го реализираме проектот.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •