25 C
Skopje
среда, октомври 16, 2019

Нова македонска иновација. Создаден кириличен фонт DyslexicFZF за лица со дислекција!

Kabtel golem pod glavno menu 14.10.2019

Лицата со дилексија ќе можат полесно и побрзо да читаат, благодарение на заедничкиот труд на Филозофскиот факултет, здружението за дислексија „Ајнштајн“ и компанијата Emit Knowledge! Тие го создадоа првиот кириличен фонт прилагоден за овие лица, кој ќе може да се користи онлајн, со помош на додавката „Бато“, која е достапна бесплатно да се превземе, a издавачот „Арс Ламина“ испечати преку 40 лектири според технички спецификации прилагодени за овие лица.

Основната цел на кирилскиот фонт DyslexicFZF е да го олесни читањето кај лицата со дислексија, а со неговата употреба самиот процес на читање станува пофлуентен и се намалува бројот на грешки, бидејќи Dyslexic FZF го прикажува текстот на начин кој што е поприфатлив за лицата со тешкотии во читањето. Новиот фонт за дислексичари е првата алатка од пакетот асистивна технологија во нашата држава. Технологијата како решение за помош на лицата со потешкотии во учењето во светот се користи многу одамна, а кај нас е во зачеток.

Тимот кој стои зад овој амбициозен проект

Според м-р Маја Филиповска од Институтот за специјална едукација и рехаблитација при Филозофскиот Факултет, DyslexicFZF е иновативен фонт, различен од сите други, бидејќи содржи голем број на типографски параметри, кои заедно прават да се зголеми читливоста на текстовите. Беше создаден откако се воочи потребата од поголема достапност на текстуалните содржини за студентите кои имаат тешкотии во читањето, а го изработи типографот Ласко Џуровски.

„Сите букви од македонската азбука, како и нумеричките и интерпункциските знаци се специфично изработени, но главните карактеристики кои најголемиот број од останатите фонтовите не ги поседуваат, се задебелувањето на основата на секој карактер, зголемената димензија на карактерите и зголемен проред. Со оглед на тоа што постои нагласен сооднос помеѓу задебелените и потенките делови, фонтот поседува поизразен контраст, овозможува полесно следење на редовите во текстот, како и ориентацијата во просторот за читање. Посебен акцент е ставен на зголемувањето на дистинктивноста на буквите, преку зголемување на отворите на алфабетските знаци и закосувањата на основните вертикални и хоризонтални линии, со цел избегнување на мешање на графемите кои слично изгледаат“, објаснува Филиповска.

DyslexicFZF нуди брзо и едноставно конвертирање на компјутерски текстуални содржини и печатење материјали во фонт кој е визуелно поприфатлив за дислексичарите. Фонтот би можел да има примена секаде каде што ќе им треба на овие лица, во училиште или на факултет, на работа или во други ситуации кога за тоа ќе се укаже потреба. Користењето е многу едноставно, со превземање на плагинот „Бато“, иновативно решение кое го изработи компанијата Emit Knowledge.

Според Дамјан Николовски од здружението за дислексија „Ајнштајн“, во светот многу активно се работи на технолошки иновации кои го олеснуваат читањето и пишувањето, односно ги олеснуваат потешкотиите со кои се соочуваат лицата со дислексија.

„Новиот фонт ќе може да се користи преку пребарувачот Google Chrome. Доволно е само да се преземе плагинот ‘Бато’ од google store и да се инсталира на вашиот компјутер. Кога ќе се отвори содржината, која треба да биде во форма на колумна, треба само да се притисне на иконата на ‘Бато’. Текстот ќе се појави со новиот фонт, бидејќи алатката овозможува форматирање на текстовите од веб страните со стандарден фонт во текстови со DyslexicFZF, а покрај тоа овозможува и менување на бојата на позадината на текстот во бои кои овозможуваат полесно читање и можност за зумирање на текстот,“ појаснува Николовски.

Создавањето на инклузивно општество за лицата со дислексија е цел и на нашата земја, а во таа насока и во иднина ќе се користи напредната технологија и ќе се развиваат и други алатки на асистивна технологија. Фонтот DyslexicFZF, според Филиповска е само едно средство кое може да биде од помош при читањето кај лицата со дислексија, но не е единственото. Со оглед на тоа што постојат и различни видови дислексија, не мора да значи дека употребата на фонтот ќе има ефект кај сите и поради тоа е потребно да се користат и други видови технологии со кои делумно ќе се надмине или пак ќе се заобиколи проблемот со читањето. Во светот постојат голем број на софтверски и хардверски решенија, а како позначајни се истакнуваат софтверот за претворање на текст во говор (text-to-speech софтвер), софтвери за препознавање говор, паметни пенкала итн.

„Асистивна технологија е во суштина широк термин со кој се означува секој уред, систем или дел од опрема, која може да биде модофициран или прилагоден, а кој се користи за да се подобрат функционалните способности на лицата со попреченост. Овие технологии се користат во различни сфери од животот на овие лица. Дел се користат во образовниот процес, дел за секојдневното функционирање или при работните активности. Во однос на лицата со дислексија, покрај фонтот, се работи и на изготвување на text-to-speech софтвер во рамките на Еразмус+ КА2 проектот со наслов Fostering Accessible Study Technologies: Accessible Learning Management System for Students with Disabilities на кој е координатор Филозофскиот факултет“, вели Филиповска.

 

 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •