Во Шведска се гради музеј кој ќе троши енергија произведена од велосипеди

- Advertisement -

Данската архитектонска компанија COBE ги претстави плановите за дизајн на нов научен музеј во шведскиот универзитетски град Лунд кој ќе користи енергија добиена од соларните панели поставени на кровот, но и од енергија добиена со вртење педали на велосипеди. Посетителите на музејот ќе можат да придонесат за генерирање енергија за музејот така што ќе возат велосипеди на кровот на музејот.

- Advertisement -

Музејот ќе биде направен главно од дрво, а ќе помогне да се зацементира позицијата на Лунд како научен град на интернационалната мапа. Предлогот на COBE е добитник на награда на интернационален натпревар. Еколошкиот музеј ќе биде изграден во средиштето на новиот урбан кварт во градот, Сајенс Вила Скандинавија (Science Villa Scandinavia).

Ќе биде поставен помеѓу високотехнолошките институции ESS (European Spallation Source) и MAX IV, кои моментално се во изградба и се очекува да прераснат во најмоќните и најнапредните истражувачки установи за неутрони и рентгенски зраци. Целта на научниот музеј ќе биде да ги направи револуционерните истражувања подостапни за луѓето и да ги мотивира децата и возрасните да се заинтересираат за природните науки и истражувања.

- Advertisement -

Ќе има вкупна површина од 3.500 квадратни метри, а на двата ката ќе има сали за изложување, галерија, рецепција, работилници, продавница од музејот, ресторан, канцеларии и аудиториум. Посебната платформа за гледање и поплочен дел ќе се наоѓаат на кровот со површина од 1.600 квадратни метри и ќе имаат велосипеди за генерирање енергија, како и соларни панели со кои ќе се задоволат потребите за електрична енергија на музејот.

Сподели!
- Advertisement -