Одморите се при крај, пазете се од синдромот на апатија после одмор

- Advertisement -

Сезоната на годишните одмори е речиси при крај, децата се враќаат во училишните клупи, а сите кои имале прилика да отпатуваат мора да ги засукаат ракавите и да се вратат на работните обврски. Иако многумина кога се на одмор ги полнат батериите и можат да се вратат со поголем елан на работа, има и такви кои се депримираат при самата помисла на враќање на работа.
Статистиката покажува дека ефектите на одморот се намалуваат после три дена по враќањето во работната средина и рутината, а по три недели целосно изчезнуваат како да не сте ни биле на одмор. Синдромот на замор после враќање од одмор или т.н. post-holiday blues претставува група од симптоми кои се јавуваат после отстуство, по враќањето во работната средина или по враќањето на обврските на факултет или во семејството. Овој синдром се карактеризира со емоционално ниво на апатија или тага, а на физичко ниво со генерален замор, главоболки, стомачни проблеми, несоница.
Според некои истражувања, околу 30% од популацијата на Земјата страда од овие симптоми непосредно по враќањето од одмор. До денес не постои официјален консензус меѓу психијатрите за постоењето на овој синдром, па не е ни класифициран како посебен ентитет во ниедна класификација на ментални заболувања, иако сите се согласни дека најголем дел од луѓето чувствуваат одредне стрес и неудобност по враќањето од одмор.
Некои експерти сметаат дека без оглед нa тоа што овој синдром не е опишан како посебен ентитет, не значи дека не постои. Други тврдат дека она што се случува кај повеќето луѓе е претрпување на одреден стрес затоа што амбиентот на плажата, планината или викендите е сосема поразличен од будењето со аларм, сообраќајниот метеж и купиштата имејлови. Тој стрес, според нив, е дел од процесот на прилагодување на работниот живот и не може да се смета за патолошки.
Како да ви биде полесно враќањето на работа?
Времето пред крајот на одморот треба да го испланирате однапред. Тоа значи неколку дена пред враќањето на работа да станувате наутро како да одите на работа, да бидете физички активни, а денот пред враќањето на работа треба да си го посветите себеси, да одморате и да правите активности во кои уживате.
По враќањето на работа не треба веднаш да се оптоварите со задачи туку постепено да се враќате на обврските и да се запознавате со тоа што сте го пропуштиле. Би било добро однапред да испланирате, покрај семејните обврски, и некои попладневни активности во кои ќе уживате.

Сподели!
- Advertisement -