10.9 C
Skopje
четврток, ноември 21, 2019

InnoTech Club нов проект на веб порталот Inovativnost.mk

Kabtel desktop

InnoTech Club е платформа чија основна мисија е зголемување на свесноста во македонското општество за значењето и важноста на науката, технологијата и иновациите како клучни фактори за идниот економски раст и развој на земјата!

Ниската стапка на економски раст, високата невработеност и малиот степен на индустријализација (уделот на индустријата во бруто-домашниот производ од 32% во 1992 година паднал на 15% во 2016 година) се силно поттикнати со континуираниот недостиг на стручна и добро обучена работна сила. Затоа, Советот на странски инвеститори во “Белата книга” од 2018 година ја потенцираше миграцијата на работоспособното население и недостигот на инженери и експерти со вештини од областа на науката, технологиите и иновациите како едни од најголемите предизвици за индустриското работење во земјава.

Затоа InnoTech Club ги адресира следните горливи проблеми:

  • Како младите да се заинтересираат за наука, технологија и иновации?
  • Како да ги мотивираме да работат на проекти применети во пракса?
  • Како знаењето и иновациите да ги направиме IN?
  • Како да ги задржиме експертите со силни технички вештини да градат кариери во Северна Македонија?
  • Како кариерата во advance science, technology and innovation да биде привлечна и во нашата земја?

Кон остварување на овие цели, InnoTech Club обединува:

  • Средношколци
  • Студенти
  • Универзитети
  • Истражувачи и експерти
  • Компании
  • Истражувачки центри
  • Стопански Комори
  • Странски инвеститори
  • Стартап компании
  • Национални институции

    Нашето мото е: Единствениот пат до одржлив економски развој и високи стапки на економски раст води преку наука, технологија и иновации!

Активности

InnoTech Club ќе се реализира во неколку фази:

Во првата фаза проектот ќе се презентира на целните групи кои се предмет на интерес на InnoTech Club. Презентации пред средношколците и студентите ќе се одржат во Американските катчиња и Кариерните центри на државните и приватните универзитети во државата, а преку директни состаноци ќе се анимираат менаџерите на домашните и странските компании. Во оваа фаза ќе се воспостави Борд на експерти составен од професори, стручњаци и менаџери на компании, кој ќе има советодавна улога.

Првиот голем kick-off настан на кој ќе се престави InnoTech Club ќе се одржи кон крајот на ноември 2019 година. На овој настан, домашни и странски експерти од областа на технологијата, иновациите и науката ќе го пренесат своето искуство на присутните средношколци, студенти и домашни и странски компании во Република Северна Македонија.

Во следните пет месеци InnoTech Club-от ќе организира Inno Café настани во Скопје, Штип, Тетово и Битола. На овие настани преку заедничко дружење и неформална презентација ќе се презентираат иновативни, научни и технолошки успешни проекти кои ги прават поединци или компании/институции во нашата земја. Овие настани ќе ни помогнат да се запознаеме, вмрежиме и инспирираме за нови заеднички иницијативи!

Со завршната конференција во мај 2020 година ќе ја презентираме InnoTech Club како think-tank организација која ќе продолжи да ја шири визијата за македонската економија базирана на знаење, иновации и напредни технологии!

Тимот на InnoTech Club

Д-р Игор Јорданов е професор на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со богато искуство на истражувачки пректи во земјава и странство. Тој е меѓународно признаен научник кој има работено на Универзитетот во Љубљана во Словенија, Гент Универзитетот во Белгија и Texas A&M Универзитетот во САД.  Во неговиот фокус на научна работа е производство на иновативни, паметни и напредни материјали со примена на еколошки технологии и обновливи материјали.

М-р Верица Јорданова е новинар со повеќе од 20-годишно искуство, претприемач, консултант, магистер по стратешки комуникации, основач и уредник на веб порталот www.inovativnost.mk. Таа има богато искуство во организирање и модерирање на бизнис настани во земјава и странство. Нејзиното искуство во промовирање на македонската иновативна, технолошка и стартап сцена ја етаблираше како одличен познавач на оваа сцена во земјава.

Д-р Зоран Марков е професор по механика на флуиди и хидроенергетика на Машинскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со меѓународно истражувачко искуство во Турбоинститут во Љубљана, Словенија, The Pennsylvania State University во САД, Универзитетот Ерланген во Германија, Vrije Универзитетот во Белгија, Норвешкиот Универзитет за наука и технологија и Аристотел Универзитетот во Грција. Неговото поле на експертиза е хидроенергетика, гасоводни системи и пречистителни станици за отпадни води.

Љубица Ангелкова е новинар, модератор, ПР експерт. Најголем дел од нејзината професионална кариера е врзан за телевизиско новинарство во Битола. Таа исто така е многу активна во волонтерски активности и бројни проекти на невладини организации, насочени кон креирање на подобро општество.

This project was funded in part through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите) и не ги одразува оние на Владата на САД.
Ky projekt është pjesërisht i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesit/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •