0.3 C
Skopje
понеделник, декември 16, 2019

„Веда“ е првата македонска компанија која самостојно доби грант од европската програма „Хоризонт 2020“

Kabtel desktop

Македонската компанија „Веда“ и нејзиниот иновативен производ, аеросолен систем за брзо гаснење пожар, е првиот добитник од нашата земја на кофинансиран грант како лидер компанија, од програмата на ЕУ „Хоризонт 2020“. Досега, македонските фирми секогаш биле спореден партнер на некој од проектите каде што водечки биле странски компании од ЕУ и најчесто добивале мали делови од грантот. Во конкуренција на илјадници компании од цела Европа, „Веда“ и нејзината иновација беа одлично оценети во рамките на СМЕ Инструментот, за мали и средни претпријатија, како една од најдобрите, врз основа на што проектот ќе биде кофинансиран со 70 отсто европски пари.

„Веда“ на македонскиот пазар постои од 1991 година и се занимава со истражување на нови технологии, кои досега се пласирани на различни пазари низ светот. Аеросолниот систем за брзо гаснење пожар е првата нивна иновација која планираат да се произведува и да се продава од Македонија. Поради светските регулативи за исфрлање на халонот и ф-гасовите како средства за гасење на пожари се очекува дека во блиска иднина аеросолните системи за гаснење ќе преовладуваат како решенија во системите во борба против пожарите, што на овој продукт му отвора широки перспективи на светскиот пазар.

Преодните мислења од експертите на „Хоризонт 2020“ се уште една потврда дека македонските компании имаат одлични продукти. Резултатот е заеднички труд на тимот на „Веда“ и консултантката Симона Трповска, која изработува проекти за европските програми, најчесто за странски компании.

Искуството со „Веда“, вели, ѝ дава мотивација да ги охрабри и другите македонски компании да веруваат во својот потенцијал и да аплицираат, дури и доколку не успеат во првиот обид.

„Проектот е многу комплексен и исполнувањето на апликацијата воопшто не беше едноставна работа. Но, тоа никако не смее да ги спречи македонските манаџери да веруваат во своите компании и производи/услуги и да аплицираат во европските програми. Јас повеќе години работам на проекти и со странски компании, но морам да нагласам дека и кај нас има светски иновации, кои можат да бидат финансирани со европски програми. Оценувањето на секоја апликација е сложен процес во кој учествуваат повеќе експерти. Насоките за пополнувањето на апликацијата се многу општи, но сепак податоците кои се бараат се исклучително прецизни, заради што е неопходна соработката на тимот за развој и консултантот. Конкретно, програмата „Хоризонт 2020“ финансира иновации “must have rather than nice to have”, односно иновации со голем потенцијал на успех, но и со голем ризик (breakthrough innovations – high risk, high potential)“, објаснува Трповска.

Аеросолниот систем за брзо гаснење на пожар беше развиен до прототип, а со кофинансиран грант од ФИТР се работи на сертификацијата заради отпочнување на сопствено производство. Сопственичката на „Веда“, Искра Јанковска – Михајловска вели дека проектот од европската програма „Хоризонти 2020“ ќе се надоврзе на овие активности и ќе се искористи за усовршување на продуктот и истражување на пазарот за пласман на продуктот.

„Нашата проблематика не е едоставна и е иновативна, но одлука да аплицираме донесовме откако случајно се запознавме со консултантката. Симона, за два месеци додека се подготвуваше проектот одлично навлезе во материјата и ни отвори и нови видици и перспективи. Успехот е заеднички, посветеноста и знаењата на Симона беа тоа што ни недостасуваше, бидејќи ние во „Веда“ сме повеќе насочени кон технологијата и производството. Во нашата компанија од 11 вработени, исто толку се инженери“, нагласува Михајловска.

Таа советува дека сите македонски иновативни компании треба да ја надминат недовербата за соработка со консултанти и да ги прифатат како дел од процесот на градење на успешна компанија и трасирање на патот за нивните производи.

„Добивањето грант е потврда дека производот има голем потенцијал. Фирмата 28 години работи на истражување и развој, но ова е првиот производ за кој се охрабривме да го развиваме сами, досега секогаш сме ја продавале технологијата пред патентирање. Да се создава свој продукт што ќе биде конкурентен со европските, во нашата земја е особен предизвик, затоа што секојдневно се сретнуваме со препреки во институциите, инертност и неподготвеност на администрацијата, недостаток на лаборатории во кои би верификувале некоја вредност… Ние, сите потврди ги бараме во странски  акредитирани лаборатории што е исцрпувачки и чини многу, што е една од главните причини што македонските иновации одат во рацете на големи инвеститори пред некој да ја патентира и потврди сопственоста“, посочува Искра Ј.Михајловска.

Во светот постојат системи за гаснење пожар на база на аеросоли, но аеросолниот систем на „Веда“ е иновативен и има бројни предности пред конкуренцијата. Тој е во цврста состојба, секогаш може да се адаптира формата, големината и капацитетот на противпожарниот апарат според потребите и барањата на секој клиент, може да се користи на најразлични позиции, од прекинувачи до простории.

„Системот на „Веда“ не е под притисок, тоа го прави лесен за транспорт и економичен за одржвуање. Може да се самоактивира, или да се поттикне со надворешна стимулација преку сензори. Аеросолниот противпожарен апарат на „Веда“, го гасне пожарот во моментот на настанување, поради што штетата е минимална бидејќи гасот кој се генерира не создава активен талог. Компонентата е стабилна и може да трае повеќе години без да го менува составот и да прима влага. Нема специјални барања за одржување и најважно од сѐ е што гасот што се генерира е нетоксичен и не го одзема кислородот од просторијата, да кажам поедноставно огнот го гасиме со хемиска реакција, вели Михајловска.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •