5.9 C
Skopje
вторник, октомври 20, 2020

Младиот иноватор Орхан Багашов создаде бионичка рака што се печати со 3Д печатач

Kabtel desktop

Орхан Багашов е ученик во средното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје и иако има само 16 години, веќе е со осумгодишен стаж во иноваторството и технологијата. Изработува различни машини, но особено се гордее со ротирачкиот 3Д печатар, кој печати многу побрзо од останатите печатачи. Oвој печатар у бил најважната алатка да направи роботска рака, која е дел од еден поголем проект на кој сè уште работи – хуманоид робот. Надвор од науката, веќе десет години е член на Летечката театарска трупа од Тетово и има играно во повеќе од 20 театарски претстави. Брат му е филмски режисер, а родителите работат во образование.

Во моментов, со својот тим соученици од „Јахја Кемал“ го завршуваат проектот бионичка рака и сонуваат да го сменат светот на деца кои имаат ампутиран горен екстремитет. За „Иновативност“ раскажува дека целта му е неговиот производ да ги замени скапите бионички протези кои сега се достапни на пазарот. Вели дека продолжува и понатаму да создава иновации, а својата иднина ја гледа во средина на професионалци и посветени луѓе, со вистински услови за работа.

Разговараше – Сања Наумовска

Орхан, кажи ни нешто повеќе за твојот проект бионичка рака?

Изработката на бионичка рака е тимска работа, во која учествуваат уште тројца мои другари од средното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје. Прототипот го направивме на работилница Generation ulmited како дигитално решение за лица со попреченост. Тео Китановски беше програмер, Борис Ночески ја работеше веб-страницата, Анамариа Илиева беше задолжена за документацијата и презентацијата, а јас бев дизајнерот. Нашата идеја е да направиме бионичка рака (електронска протеза) која би била достапна за секој и секаде – по многу пониска цена од тие кои ги нуди денешниот пазар, со користење на технологијата 3Д  печатење, преку Open Source.

Од каде идејата да се посветите токму на ваков проект?

Додека работев на роботската рака, која е во склоп на еден поголем мој проект – хуманоиден робот, ги анализирав бионичките раце кои се на пазарот, а впечаток ми оставија нивните високи цени. Така започнав да размислувам за можноста да се развие технологија на друг начин, кој ќе овозможи истите да бидат достапни за сите.

Досега имаме направено функционален прототип кој ни овозможи да влеземе во петте финалисти на натпреварот за дигитални решенија за лица со попреченост – Generation Ulimited од УНИЦЕФ.  Во наредните три месеци ќе работиме на финалиниот продукт.

Нашата целна група се лицата со недостаток на горен екстремитет кои во секојдневието се соочуваат со разни проблеми како пишување, интеракција со предмети, работа на компјутер итн. Веќе постојат бионички раце или електронски протези за овие лица. Но, тие бионички раце имаат поголем број на недостатоци, кои можат да бидат решени доколку постои желба за тоа. Основата на овие недостатоци е цената која изнесува над 10.000 евра. Како резултат на тоа тие не се користат во посиромашните земји и најчесто се вградуваат кај лица над 18 години заради тоа што помладите се уште се во развој. На пример, еден тинејџер кој живее во Македонија и потекнува од просечно домаќинство, најверојатно дека нема да може да си дозволи бионичка рака. Но, ние сакаме да го смениме тоа, и да направиме бионичка рака која ќе биде достапна за секој кој има потреба од неа.

Тоа значи дека сериозно размислувате да се комерцијализира вашата иновација? Дали има реални шанси за тоа?

Се фокусиравме да направиме Open Source бионичка рака поради тоа што сметаме дека најголемиот проблем е нејзиното комерцијализирање. Open Source значи дека секој кој има потреба од бионичка рака ќе може да ја избере својата големина на рака, да ги симне бесплатните модели за 3Д печатење преку интернет, да ја испечати конструкцијата на 3Д печатар, да ги нарача останатите делови од интернет и да ја состави сам без никакво претходно искуство во период од шест до седум часа. 3Д печатењето станува сè подостапно за сите, но доколку некој нема 3Д печатар и не знае како да ракува со него, би можел да ги нарача деловите од фирми кои нудат услуги за 3Д печатење. Оваа идеја, според нас, е решение на проблемите на досегашните бионички раце поради тоа што материјалите за изработка се поевтини, не се плаќа за транспорт, работна рака и профит за производител и добавувач. Достапна е во секој дел на светот и евтино е да се надогради за децата. Претпоставената цена за да се изработи е 150-200 евра, што е околу 50 пати пониска цена од наједноставните бионички раце на пазарот. Оваа иновација би живеела и без наша понатамошна подршка, ќе може секој кој има идеја и сака да помогне, да може да ја подобри.

Претпоставената цена за да се изработи е 150-200 евра, што е околу 50 пати пониска цена од наједноставните бионички раце на пазарот.

Ова не е прв твој проект, со иновации се занимаваш уште од мал. Кажи ни нешто повеќе за твоите претходни проекти?

Веќе осма година по ред изработувам различни машини, од кој би сакал да го издвојам ротирачкиот 3Д печатар на кој работев три години. Се работи за 3Д печатар кој работи на поинаков принцип од постоечките. Ако на друг 3Д печатар му се потребни 20 часа да отпечати еден дел, мојот печатар ќе може да го испечати за околу 15 часа. Исто така еден од позначајните проекти на кои работев е и роботската рака која е направена со помош на 3Д печатарот. Таа е дел од еден поголем проект на кој сè уште работам – хуманоиден робот, со вештачка интелигенција и форма на човек, кој може да се користи како персонален асистент.

Има ли иднина за иноваторите во Македонија?

Да бидеме реални, нема. Иноваторството и науката бараат финансиска поддршка, која тука ја нема.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •