22 C
Skopje
недела, јули 5, 2020

Драган Давитков: Успешните стартап приказни – поттик за заемна соработка

Kabtel desktop

PwC и Македонска берза организираат стартап конференција Pitch. Match. Grow. што ќе се одржи на 26 и 27 февруари, во хотел Мериот, Скопје. На овој уникатен настан учесниците ќе може да добијат корисни информации и насоки од прва рака за финансирање на проекти, бизнис идеи и стартап компании.

Pitch. Match. Grow e настан наменет за бизниси во најрана фаза (стартапи), па сѐ до веќе развиени компании, како и за слушатели кои што имаат само идеја за отпочнување на сопствен бизнис. 

За целите на овој настан разговаравме со г-н Давитков, Директор на PwC Северна Македонија, кој ни појасни кое е мотото и целта на конференцијата:

Мотото на конференцијата е #StraightToThePoint, со што идејата е слушателите да добијат јасни насоки директно од присутните инвеститори за тоа како може да се обезбеди финансирање, како и да добијат совети од успешни слични бизниси кои што веќе имаат добиено финансиска поддршка.

Целта на настанот е да се презентираат можностите за инвестирање и начините на аплицирање кои што ги нудат инвеститорите (Pitch), така што секој стартап или секој што има идеја, ќе може да се идентификува во процесот и да одреди од каде е најсоодветно да побара инвестиција (Match), што пак ќе придонесе да го унапреди својот бизнис, за тој да премине во следната фаза од својот раст (Grow).  

Воедно, во соработка со Македонска Берза, присутните ќе можат да се запознаат со платформата Funderbeam, односно со начинот на кој таа функционира, и процесот на групно инвестирање (Crowdfunding). За платформата, слушателите ќе можат да чујат директно од инвеститорите, но и од стартап кој што веќе има добиено поддршка од Funderbeam
“.

PwC е добро етаблирана ревизорска и консултантска компанија. Зошто решивте да влезете во сегментот на стартап компании? Кои се вашите мотиви и цели?

Стартапите се движечка сила на глобалната економија и еден од главните избори на вработување низ целиот свет. Меѓутоа, отпочнување на сопствен бизнис самото по себе e предизвик и поради тоа поддршката од добар советник е непроценлива. Без разлика дали веќе компаниите имаат започнато со деловно работење или пак се работи само за идеја, PwC нуди низа услуги за подобрување и зголемување на нивниот капацитет.

Од една страна додека ние го даваме нашето знаење во делот на развој, продажба, интернационализација, од стратапите добиваме нов и иновативен поглед во однос на бизнис решенија кои што понатаму можеме да ги користиме ние или нашите клиенти. PwC е исто така општествено одговорна компанија и е секогаш спремна несебично да вложи во развојот на значајни иницијативи како што е оваа. Во PwC навистина веруваме во иновациите и нивната моќ. Затоа сме толку отворени за соработка со иноватори и визионери.

Коорганизатор на овој настан е Македонска Берза. Кажете ни повеќе за оваа соработка и дали истата во иднина ќе се развива? Во кој правец?

PwC има одлична соработка со Македонска берза на два фронта.

Имено, PwC соработува со Берзата во спроведување на обуки во рамките на PwC Академијата. Досега заеднички сме организирале неколку интересни и корисни обуки на теми каде PwC има експертиза, а бил засегнат и пазарот на капитал.

Понатаму, PwC соработуваше со Берзата при имплементација на Funderbeam платформата за групно инвестирање (Crowdfunding). Поточно, PwC подготви детална анализа на законската рамка, за потребите на Македонска Берза,  вклучително и идентификација на сите отворени прашања за целите на непречено оперативно функционирање на Funderbeam платформата во Северна Македонија. Дополнително, PwC за Берзата подготви упатство со сите релевантни правни аспекти за стартапите кои би одлучиле да соберат средства преку Funderbeam, како и за домашните инвеститори кои би биле заинтересирани да инвестираат на платформата. Ова упатство е веќе објавено на интернет страницата на Берзата.

На настанот е предвидена пичинг сесија од стартап компании. Дефинирани ли се компаниите и што може тие да очекуваат од ова?

За време на конференцијата стартапите кои што ќе се пријават преку апликацијата за настанот, ќе имаат своја презентација (pitch) во времетраење од 3 минути пред истите инвеститори кои ќе учествуваат на панелот #StraightToThePoint насоки од инвеститори. Пријавените кандидати ќе добијат коментари на нивните „pitch decks“ со насоки за подобрување, како и препораки за тоа кој тип на финансирање е соодветен за нивниот понатамошен развој.

Не е исклучена можноста некој од инвеститорите доволно да се заинтересира и веднаш да започне соработка со некој од стартапите. Ако тоа се случи мојата и нашата мисија како организатори на овој настан е остварена. Останува да видиме како ќе се покажат претприемачите.

PwC на глобално ниво развива и стартап програми во повеќе земји. Кажете ни некои успешни примери и за какви програми станува збор?

PwC на глобално ниво спроведува низа иницијативи специјално за стартапи во повеќе од 20 различни земји и региони. Некои од програмите во кои што компанијата е вклучена се ‘’Scale Up’’ и ‘’Raise’’ во Велика Британија, ‘’Next Level’’ во Германија, ‘’Collider’’ во Полска и ‘’Venture Hub’’ во Сингапур.

„PwC Startup Collider“ е атрактивна програма за сите стартапи во Европа вклучително и за стартапите од Северна Македонија. Програмата е основана во Варшава, Полска и истата им овозможува на иновативните претприемачи да го зголемат успехот на нивниот стартап преку соработка со најдобрите експерти од PwC во областа на ширење на пазарот, пристап до ресурси и достигнување на глобално препознавање. Повеќе детали за програмата сите заинтересирани можат да добијат на веб страната на PwC Startup Collider.

Дали се планираат некои иницијативи во оваа насока и во Македонија? Како ја оценувате локалната стартап и инвестициска сцена?

Претприемачката сцена во земјава бележи забрзан раст, но македонскиот стартап екосистем мора да зајакне и да се консолидира за да може да одговори на предизвиците. Поради неповрзаноста на екосистемот компаниите имаат потешкотии при финансирање, додека пак самите инвеститори тешко успеваат да ги идентификуваат стартапите кои стигнале до задоволителна фаза на развој. Всушност и нашата цел на конференцијата Pitch. Match. Grow е да помогнеме во надминување на овој јаз и да им се помогне како на стартапите, така и на инвеститорите во постигнување на овие цели. Сите соседни земји и земјите во регионот многу инвестираат на оваа сцена.

Покрај оваа конференција, PwC во моментот креира програма која ќе биде исклучително фокусирана кон стартапите и нивните потреби. Во меѓувреме, како што беше напоменато, нудиме услуги од најразличен тип како што се: совети од правен аспект, даночни совети, услуги поврзани со развој на бизнисот како на пример истражување на пазарот, пазарна сегментација, преструктурирање на бизнис процеси, продажни стратегии, усогласеност со Генералната регулативна на ЕУ за заштита на лични податоци (GDPR), сметководствени услуги, предлог за инвеститори ‘Pitch Deck’, подготовка на апликации и документи за обезбедување на финансирање…

Сите овие услуги се создадени да се финансиски достапни и нудат огромна вредност за стартапите. Предноста на PwC Северна Македонија е што може сите овие услуги да ги понуди на едно место. 

Имате ли некои препораки во насока на развој на стартап и пред се претприемничката сцена во земјава?

Главната препорака за развој на стартапите е да ги засноваат своите одлуки на квалитетни информации, да направат добро истражување на пазарот и пред сѐ да се осигурат дека продуктот/услугата која што ја нудат е потребна на пазарот. Секако, за секоја одлука и за секоја постапка која произлегува од таа одлука постои одреден ризик. Управувањето со ризикот е она што ги разликува успешните од неуспешните приказни, но сакам да истакнам дека нема потреба да се плашиме. Искрено верувам дека може да направиме многу: Pitch. Match. Grow!

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •