17 C
Skopje
четврток, јуни 4, 2020

Ивана Гажиќ: Funderbeam докажа дека стартап компаниите имаат шанса да дојдат до домашни инвеститори!

Kabtel desktop

Интервју со Ивана Гажиќ, претседател на Управата на Загрепска берза, која неодамна учествуваше на конференцијата Pitch. Match. Grow, организирана од PwC Северна Македонија, со поддршка на Македонска берза, USAID Business Ecosystem Project, Стартап Македонија и Скопје Marriott Хотел.

Разговараше – Верица Јорданова

На дводневната конференција која се одржа во Скопје се презентираа можностите за инвестирање и начините на аплицирање кои што ги нудат инвеститорите, а се презентираа и самите стартапи (Pitch), така што секој стартап или секој што веќе има идеја, можеше да се идентификува во процесот и да одреди од каде е најсоодветно да побара инвестиција (Match), што пак ќе придонесе да го унапреди својот бизнис за тој да премине во следната фаза од својот раст (Grow).

Иновативност го искористи присуството на г-ѓа Гажиќ да поразговара со нејзе за искуството со Funderbeam во Хрватска.

г-ѓа Гажиќ, раскажете ни како и кога дојде Funderbeam во Хрватска како нов модел за финансирање?

Токму пред неколку дена Facebook ме потсети дека поминале три години од првата Funderbeam кампања. Тоа беше кампања на компанијата Include, хрватски стартап кој произведува паметни клупи. Инаку, само неколку месеци претходно преку тимот на Европската банка за обнова и развој, која е наш косопственик, дознавме дека во Естонија е основан стартап кој овозможува финансирање на стартапи на начин како што тоа се прави на берза. Отидовме во Естонија и со нив договоривме joint venture во Хрватска. Така се роди компанијата Funderbeam Sоutheast Europe. Јас сакав нашата прва кампања да биде со позната компанија. Во тоа време во медиумите во Хрватска многу се пишуваше и за Кudo, затоа што основачот на компанијата имаше само 19 години. Тогаш се сетив на Ивана Шољан, која е долгогодишен учесник на пазарот и беше член на управата на неколку телеком компании. Ја замолив да се сретне со младиот претприемач Иван Мрвош и многу брзо се договорија таа да им биде водечки инвеститор.  Првата кампања беше успешна и собравме 460.000 евра, кои на Мрвош му беа доволни за првата фаза од растот. Include имаше и втора рунда на Funderbeam, која заврши лани и беа собрани околу 1,5 милиони евра.

Како беше прифатен Funderbeam во Хрватска на почетокот, со оглед на тоа дека е специфичен начин на финансирање?

Можам да кажам дека од старт беше прифатен доста позитивно. Ние сме пазар на кој недостигаат инвестициски прилики. Имаме доста развиена индустрија за пензиски фондови и во принцип која било компанија што ќе дојде на Берза и има добар бизнис план без проблем добива финансирање, но нема многу прилики за инвестирање на инвеститори. Многу добро го прифатија фактот дека сега може да инвестираат во иновативни компании. Моментално во Хрватска имаме 1.500 активни инвеститори. Бројот на членови на Funderbeam е многу поголем, но тие 1.500 главно инвестираат. Интересно е тоа што доста инвестираат Хрвати кои работат во странство. Има и многу инвеститори кои инвестираат по мали износи од 100-200 евра. Ние имаме чувство дека создадовме целосно нова инвеститорска заедница и тие инвеститори кои биле активни на некоја претходна кампања се вклучуваат и на новите.

Како Берза сакавме на компаниите да им овозможиме иднина која ќе носи економски раст и можност да дојдат до финансирање. Технолошките компании како Facebook и Google не би постоеле денес ако немале инвеститори во тие рани фази затоа што стартапите не можат да добијат кредит од банка. Ни се чинеше дека со тоа ние го пренесуваме и нашето знаење како учесници на пазарот на капитал за да осигураме финансирање и за малите компании.

Ивана Гаџиќ

Колку проекти сте имале досега?

Досега сме имале 10 успешни кампањи во девет компании од различни индустрии. Имавме апликации, паметните клупи на Include, крафт пиварница, посебна апликација за луѓе со дислексија, дури и фестивал. Покажавме дека можат да се финансираат разни бизниси.

На кои пречки наидовте при имплементација на овој вид на групно финансирање?

Јас би навела две работи. Луѓето кои основаат такви фирми имаат идеи и се многу страсни за тие идеи, но немаат знаење или имаат малку знаење како да ја презентираат идејата пред инвеститори. Со нив треба многу да се работи. Тоа се фирми на кои главно им треба водство на полето на финансиски менаџмент и во сегментот за барање нови купувачи, отворање нови пазари итн. Затоа Funderbeam го има тој концепт на водечки инвеститори, односно личност која помага да се затвори финансирањето, но и подоцна им помага на компаниите во растот и развојот. Би рекла дека најтешко е да се осигура дека фирмата ќе го презентира тоа на начин кој ќе привлече некој водечки инвеститор, а кога ќе го најдат тој треба да им помогне, да го инвестира своето време за да расте компанијата.

Како се презентира една компанија или идеја преку Funderbeam?

За една компанија да дојде на Funderbeam таа мора да има водечки инвеститор. Тоа се случува на некои pitch настани како што бепе тој во Македонија. Тие во три минути треба да раскажат што сакаат. Мене ми се случило да слушам презентации на компании и воопшто да не разберам што работи компанијата. Тие не знаат тоа да го презентираат на начин да го разберат инвеститорите. А подоцна кога ќе најдат водечки инвеститор треба да бидат реални во однос на вредноста на компанијата. Постојат мислења дека некој стартап вреди 5 милиони евра само затоа што има добра идеја. Затоа, треба паметно да се одреди вредноста по која некој инвеститор навистина ќе сака да инвестира.

Кои се вашите очекувања од Fundebeam во Македонија?

-Секако дека имам, иако секогаш е тешко да се пробие ледот. Ние во Хрватска имавме среќа што првата наша кампања беше за Include, затоа што Иван Мрвош беше многу познат во Хрватска. Во моментот кога се појавивме ние тој немаше никаков друг извор на финансирање и ние помогнавме да се создаде компанијата со тој наш начин на финансирање. Се разбира дека без него како основач тоа не би било возможно. Неговите клупи денес се продаваат во 50 држави во светот, а тоа немаше да се оствари ако немаше инвеститори. Можам да речам дека „имав добар нос“ да ги спојам Иван Мрвош и Ивана Шољан, да ги спојам. Тие се многу поврзани, имаат доверба еден во друг и се слушаат секој ден. Има и доста други инвеститори кои секојдневно комуницираат со своите стартапи.

Funderbeam на македонскиот пазар

Македонска берза склучи ексклузивен договор за соработка со друштвото Funderbeam SEE, регистрирано во Република Хрватска. Funderbeam SEE е дел од групацијата Funderbeam Market Limited којашто нуди глобална шема за колективно финансирање. Преку воспоставената соработка помеѓу Funderbeam SEE и Maкедонска берза оваа crowdfunding платформа, преку која се поврзуваат компаниите кои сакаат да приберат финансиски средства и инвеститорите кои бараат можности за вложување во компаниите во ран развој, е достапна на македонскиот пазар.

Funderbeam платформата е дизајнирана на начин што нуди низа придобивки за нејзини корисници при што:

–    компаниите во ран развој и растечките компании добиваат пристап до нов капитал од домашните и странските инвеститори, преку спроведување на посебни кампањи во кои ќе ги презентираат клучните информации за своето работење;

–    инвеститорите се информираат за овој вид на вложувања и добиваат можност за инвестирање во компании во ран развој и растечки компании, во рамки на инвестициската структура што ја нуди платформата;

–    инвеститорите преку платформата добиваат пристап и до секундарен пазар за понатамошно тргување со нивните инвестиции.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •