14 C
Skopje
недела, април 11, 2021

Васко Величковски: Одмор поминат на коњ и под отворено небо во планина e уникатно искуство кое мора да се доживее во Галичник

Kabtel desktop

Јавање коњи, преспивање во планина, уживање во недопрената природа на Националниот парк „Маврово“ е уникатното искуство кое го нуди Sherpa ranch, лоциран на само еден километар пред влезот на селото Галичник. Ранчот постои од 2011 година, а координативното тело кое го координира и управува како ранчот така и Sherpa horse riding проектот, е коњичкиот клуб „Бистра“ од Галичник.

За животот со овие благородни суштества, за единствената можност на многу луѓе да им се покажат убавините на земјава, но и за проблемите и насоките за алтернативниот туризам, разговараме со сопственикот на Шерпа ранчот, Васко Величковски.

Разговараше- Сања Наумовска

Васко, кажете ни како дојдовте до идеја да се занимавате со алтернативен туризам во Маврово, особено да понудите тури со јавање коњи?

Sherpa horse riding функционира на територијата на Националниот парк „Маврово“ и надвор од него, но нашиот главен бренд е Галичник. Јас и мојот пратнер Александар, со кого ја започнавме оваа приказна, детството во летниот период го поминувавме во ова село, во дружба со коњи. Уште од тогаш нашата љубов кон овие благородни животни стана голема и дружењето со овие животни досега не престанало. Првичната идеја беше на една друга постара екипа ентузијасти и беше замислена на сосема друг начин, но за жал остана без реализиција. Нашата приказна започна да функционира подоцна, кога го отворивме новиот коњички клуб во 2011 година. На самиот почеток веќе поседувавме неколку коњи, а многу големo влијание во реализацијата на овој проект беше мојата посета на Канада и САД во 2010 година.

Денес, посетителите на Sherpa ranch може да одберат една од многуте активности поврзани со јавање и игри со коњи и молзење кози и да уживаат во природата на Националниот парк „Маврово“. На ранчот исто така има и еден прекрасен дрвен бар, каде што можат да се одморат и уживаат во планинското опкружување. Екипирани сме со комплетен тим кој го менаџира ранчот и целиот проект што функционира надвор од него,  составен од оперативен менаџер, букинг менаџер, водичи и тренери за коњите и за клиентите, safety менаџери кои се грижат за безбедноста на сите за време на посетата на ранчот и за време на турите.

Имате повеќе тури, ги задоволувате ли сите вкусови и барања на вашите клиенти?

Да, палетата на активности на Sherpa horse riding е доста широка. Имаме  активности кои се наменети за клиенти кои немаат предходно јавачко искуство, а и за оние кои веќе знаат да јаваат. Нудиме еднодневни дестинациски тури кои траат од два до пет или шест часа, на кои можат да се пријават сите кои се заинтересирани. Луѓето кои немаат јавачко искуство поминуваат обука за јавање коњи и за безбедност при јавање, а на останатите им ја презентираме само обуката за безбедност. Во рамките на турите, гостите на ранчот секогаш ги гостиме со традиционално галичко сирење и домашна пита. Организираме и групни тим билдинг активности со многу активности и игри како јавање, тимарење, подседлување и зауздување коњи, молзење кози, обработка на млекото и други игри кои имаат натпреварувачки и забавен карактер. Со овие пакети секогаш има и традиционален ручек приготвен на самиот ранч со еколошки продукти кои самите ги одгледуваме, како домашно месо, млеко и млечни производи.

Покрај овие, имаме и повеќедневни пакет аранжмани во вид на horse riding holidays во два основни пакети. Bucephalus trails е шестдневен пакет со четири дена јавање, а Miyak tribe trail  е осумдневен пакет со шест дена јавање, сместени на планините Бистра и Стогово. Тоа се целосни туристички аранжмани организирани од нас и нашите локални соработници, кои вклучуваат пречек на аеродром, трансфери, ноќевања, оброци и јавање.

Опишете ни едно повеќедневно искуство!

Туристите ги пречекуваме, организираме кратка посета на Скопје, каде имаат и ручек во традиционален ресторан. Потоа патуваат за Галичник и ноќеваат во локалниот хотел „Неда“. Следниот ден тргнуваме на патување со јавање коњи. Турата е кружна и секој ден патуваме до различна дестинација, секако јавајќи. Првиот ден пристигнуваме во Лазарополе, следниот до селото Гари, а потоа ноќеваме на планина во кампови. Исто така го посетуваме и Маврово, и после изминати 200 километри се враќаме повторно на Шерпа ранчот. Тоа е огромна организација за која имаме голем тим, распореден во две теренски возила. Едниот се грижи за безбедноста и цело време е со групата, а другиот ги поставува камповите. За пријава и учество на било која од нашите активности треба предходна резервација. Се резервира преку телефон или електорнски, преку имејл и нашата веб страница.

Во кој период од годината имате најмногу гости, имате повеќе домашни или странски туристи?  

Шерпа ранчот функционира активно, со сите пакети, од мај до ноември. Коњите се на ранчот во тој период, иако на планина секој период или годишно време си има своја убавина. Најубав период, според мене, за уживање на ранчот се летните топли денови во јули и август бидејќи ранчот се наоѓа на надморска висина од 1.500 метри. Кога температурите се високи во Скопје и другите градови, кај нас е прекрасно, максимално до 28 или 30 степени. Од друга страна, најинтересен и најубав период за јавање е есента. Поинаква магија, пак, има и пролетта. Всушност, навистина не можам да одредам кога е најдобро. Буквално речено, секогаш!

Имаме и домашни и странски туристи. Нашите најмногу ги сакаат еднодневните тури, а странците повеќедневните активности, осносно horse riding holidays. Тоа е една специфична гранка во туризмот, која се концентрира на посебна таргет група. Нас нѐ посетуваат странци кои веќе живеат тука и дознале за нашите активности или странци со специфична култура да одат на организирани одмори со коњи. Тие ја посетуваат Македонија токму поради нас, закажуваат термини три, четири или пет месеци однапред. Оваа група клиенти, најчесто за нас дознава и букира преку нашите бизнис партнери, специјализирани тур оператори за овој тип одмори од Велика Британија, Швајцарија, Германија и Полска. Сите тие бараат специфичен продукт, кој го креираме речиси десет години.

Колку коњи имате на ранчот, како ги чувате во текот на зимата?

Шерпа поседува 30 коњи, но мислам дека многу брзо ќе бидат повеќе бидејќи чекаме млади. Сами ги дресираме и тренираме да бидат подготвени за јавање. Во периодот од мај до ноември тие се на Шерпа ранчот во Галичник. Постојано се на отворено и пасат по прекрасните ливади на планината Бистра. Токму поради тоа се толку здрави и среќни. А во периодот од ноември до мај ги носиме во Скопје, каде имаме направено свои штали за презимување.

Кои се вашите видувања за насоките во кои треба да се движи туризмот во земјава, а особено алтернативниот?

Интересно прашање за кое доста дискутираме на нашите собири. Доста наши туристички агенции и провајдери на алтернативен туризам мислам дека не ја сфаќаат суштината и обликот на самиот вид на туризам. Ми се чини дека сакаат и се стремат да го видообликуваат слично на масовниот туризам, осносно се стремат кон квантитет и квалитет. А, суштината на алтернативниот туризам не е во квантитетот. Кога квантитетот и квалитетот ќе почнат да се борат на пазарот, секогаш губи квалитетот. Сметам дека целата приказна се води во погрешна насока, но мислам и дека може да се исправи. Македонија да изгради бренд како атрактивна алтернативна туристичка дестинација, треба да се карактеризира со уникатни атракции. Тие треба да се конкурентни на светските пазари со цените.

Тоа е погрешниот момент кај нас. Провајдерите тагираат повеќе клиенти за пониска цена, наместо да работат обратно. Јас сметам дека треба да се редуцираат клиентите со тоа што ќе се покачи цената, а во самите атракции да се вметне доста енергија за повисок квалитет.

Со вложување во квалитетната понуда Македонија како туристичка дестинација ќе се издигне на повисок ранг на светските пазари

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •