ЦЕЕД Хаб и Клубот на бизнис ангели инвестираа 200.000 евра во домашни компании!

- Advertisement -

Како центар каде се испреплетуваат претприемнички идеи, бизнис цели, големи соништа и иновации, ЦЕЕД Хаб Скопје како дел од ЦЕЕД Македонија, игра клучна улога во развојот на деловниот екосистем во нашата држава, преку обезбедување конкретна поддршка за стартап компании и други фирми со амбиција за раст и развој.

За активностите на ЦЕЕД Хаб Скопје разговаравме со извршниот директор Ѓорѓи Кушевски.

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Г-н Кушевски, кажете ни повеќе детали за мисијата и моменталните активности на ЦЕЕД Хаб Скопје?

ЦЕЕД Хаб е повеќе од физички простор. Тоа е место кое нуди стимулативна средина за идни соработки, и каде пренесувањето искуство и знаење се во фокусот на работењето. Овде се случуваат вмрежувања на стартапи и млади претприемачи, се одржуваат разни едукативни настани и обуки, се презентираат бизнис идеи пред инвеститори и се склучуваат нови бизнис соработки.

- Advertisement -

ЦЕЕД Хаб делува како центар на една динамична заедница во која трендот на започнување сопствен бизнис и основање компании е во подем. Тука, стартапите и другите микро и мали бизниси добиваат современи услуги во насока на развој на деловното работење, пристап до инвестиции и до нови пазари. ЦЕЕД е една од ретките организации во Македонија која нуди комплетен сет на услуги за стартап компании, почнувајќи од пред-акцелерациски и акцелерациски програми, менторирање со домашни и странски експерти, вмрежување и поддршка во пристап на други пазари, како и директни инвестиции преку нашиот Клуб на бизнис ангели и со наши сопствени средства.

Финансирањето секогаш е клучен фактор за развој на претприемништвото и поттикнување иновативни и креативни бизнис идеи. Колку компании имате поддржано вие како организација? Како ги оценувате можностите за финансирање на бизнис идеи во почетна фаза во Македонија?

- Advertisement -

Досега ЦЕЕД има инвестирано во 15 компании од кои 11 се стартапи кои се подржани со почетен капитал неопходен за равојот на нивната бизнис идеја и истражување на пазарот, а 4 се стартап компании во почетна фаза на развој во кои заедно со членовите на ЦЕЕД клубот на бизнис ангели се инвестирани околу 200.000 евра.  

Главни партнери и поддржувачи во работење на ЦЕЕД ХУБ се Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, Фондот за иновации и технолошки развој, Министерство за економија, но и организации како Македонска Берза и Стартап Македонија.

Funderbeam платформата на Македонска берза за т.н. crowdfunding е одлично надополнување и можност за сите стартап компании со кои работиме и во кои имаме инвестирано, да дојдат до дополнителен извор на финансии од индивидуални инвеститори од целиот свет. Исто така, ова е одлична можност и за бизнис ангелите кои на овој начин полесно ќе можат да направат т.н. exit од старт-апите во кои имаат инвестирано и својот капитал да го насочат кон нови компании. 

Изминатиот период особено е зајакната комуникацијата и соработката на различни институции и организации чија мисија е развој и унапредување на иновацискиот и стартап еко систем во земјава!

Да, таа соработка ни е од исклучително големо значење. Платформата на Стартап Македонија за поврзување на македонскиот стартап екосистем ни овозможува полесен пристап до стартап компании на кои им треба поддршка, без разлика дали се акцеларациски програми, менторирање или пак пристап до капитал. Ова особено е важно за компаниите кои се надвор од Скопје и до кои многу потешко доаѓавме во контакт досега.

Со цел развивање на оваа активна улога, ЦЕЕД Хаб има воспоставено соработка со мрежа од државни и приватни институции, како и странски донатори со кои активно работи на надградба на постоечката деловна инфраструктура, потребни законски промени преку експерти и соработници од областа, обезбедување професионални услуги за сопствените корисници и поврзување со останати регионални организации и институции.

ЦЕЕД Хаб Скопје ја поддржа и даде свој придонес во инцијативата за законски измени во Законот за трговски друштва, со кои се предвидуваат олеснувања и нови механизми за инвестирање во стартап компании. Реално кај нас е прилично лимитиран бројот на финансиски производи и мора да се работи во насока на подобрување на законските можности кои би го зголемиле индивидуалното инвестирање.

Со сите гореспоменати чинители во бизнис екосистемот во државата, ЦЕЕД Хаб Скопје одржува активна соработка која се состои од обезбедување стручни ментори за одреден сегмент од деловното работење на домашните компании, имплементација на различни развојни проекти коишто опфаќаат поддршка на мирко и мали претпријатија, развој на меки вештини, воведување иновации во деловното работење преку индивидуални и групни тренинзи и обуки, поддршка на женското претприемништво, поддршка на развојот на социјалните бизниси, како и вклучување на младите во социо-економските политики на национално ниво.

Една од клучните придобивки за развојот на домашниот деловен екосистем беше студиската посета на Израел во април мината година, реализирана со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и Амбасадата на Израел.

Можноста одблизу да се запознаат механизмите што ја прават оваа земја една од водечките земји во светот по бројот на новоосновани иновативни компании, униктна во многу аспекти, а особено во поглед на развојот на националната економија, беше вистинскиот чекор за иницирање и на соработката помеѓу клучните чинителите во нашиот еко-систем и преземање на идни чекори, со цел овозможување подобри услови за новоснованите компании.

Израелската инфраструктура на институционална поддршка, лесниот и едноставен пристап до финансии, како и негувањето на култура на преземање ризици ставија јасно до знаење дека со заеднички напор и соработка може да се постигне многу, доколку сите чинители работат вредно и посветено. Израел послужи и како одличен пример за воведување на иновации во работењето, не само на технолошки или софтверски компании, туку и во локални мали бизниси со фокус на социјалното претприемништво и бенефитите кон заедницата. Ваквиот холистички пристап во нудење услуги и решавање проблеми, активности кои имаат и комерцијална основа, беше сигурен показател во која насока треба да се движат развојните процеси дома.

Токму ваквиот начин на размислување и корпоративна култура преовладува во ЦЕЕД Хаб Скопје, како место каде синергијата се цени и развојот се случува на повеќе нивоа истовремено.

Сподели!
- Advertisement -