14 C
Skopje
недела, октомври 25, 2020

Дијана Десподов: Влегуваме во ера во која компаниите кои нема да се дигитализираат ќе се соочат со исчезнување!

Kabtel desktop

Бесплатни услуги и софтверски решенија за традиционалните микро, мали и средни претпријатија (ММСп) нуди платформата TechPack која ја креираше и неодамна ја лансираше Стартап Македонија. Тие заедно со стартап и ИКТ заедницата во државава ќе им помогнат на компаниите погодени од корона-пандемијата целосно да се дигитализираат, а со тоа да бидат поефикасни во нивната работа и услугите кои ги нудат.

Детали за оваа платформа со Иновативност сподели Дијана Десподов, проектен координатор на TechPack.

Разговараше – Верица Јорданова

Кажете ни која е основната цел на TechPack?

Основната цел на платформата е да им помогне на микро, малите, и средни претпријатија во земјава полесно да ја пребродат кризата предизвикана од ковид-пандемијата и истовремено да ги насочи на патот кон дигитализација, што е неопходен процес за фаќање чекор со светските економски трендови.

Голем број традиционални мали претпријатија беа погодени од новите услови на работа и препреки кои ги наметна пандемијата, како ограничен пристап до пазарот, потрошувачите, а и вработените, што индицираше на низок степен на дигитализација на овие претпријатија и неспремност за алтернативни начини на работа. Стартап Македонија, со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, ги мобилизараше домашните стартапи и ИКТ компании да им помогнат на традиционалните претпријатија да се дигитализираат со тоа што ќе им понудат бесплатен времен пристап до дигитални платформи, алатки и решенија за да ги подобрат и осовременат своите работни процеси и полесно да дојдат до пазарот и потрошувачите.      

Колку реално беше тешко или лесно да се обезбеди солидна понуда на дигитални услуги за оваа платформа?

Искрено не беше тешко да се обезбеди поддршката која беше потребна. Стартапите и ИКТ компаниите одговорија позитивно и со ентузијазам на идејата да ги понудат своите продукти и знаење на малите традиционални претпријатија и да ги поведат по патот на дигитализација.  Стартапите и ИКТ компаниите се неколку чекори нанапред во процесот на дигитализција и многу од потребните алатки и решенија ги изработуваат самите, така што се перфектно позиционирани да им помогнат на оние претпријатија кои допрва тргнуваат на тој пат. Најголемиот дел од зделките беа обезбедени уште пред да се активира платформата бидејќи сакавме да започнеме со солидна понуда, но нови зделки и понуди за поддршка пристигнуваат секојдневно. Би сакала да апелирам до стартапите и ИКТ компаниите кои се уште не се приклучиле кон иницијативата да ја посетат платформата и преку копчето ‘Понуди поддршка’ да не известат какви услуги сакаат да понудат. 

Што се се нуди во моментов на TechPack? Може ли попластично да ни објасните некои од услугите со чија примена една фирма ќе воведе некаква форма на дигитализација во своето работење?

Платформата TechPack содржи три компоненти кои се важни за претпријатијата: зделки, едукативни видео материјали, и решенија. Зделките вклучуваат бесплатен времен пристап и користење на дигитални алатки изработени од домашните ИКТ компании и стартапи, како на пример онлајн продавници, дигитално сметководство и архивирање, автоматизација на процесот на подрршка на корисници и одделот за продажба со паметни дигитални претставници, онлајн закажување на термини за козметички и спа салони, дигитална алатка за генерирање на потенцијални клиенти, итн. Едукативните видео материјали нудат можност за надградба на способностите, како туторијали за програмски јазици, дигитален маркетинг, менаџмент, и слично. Оваа компонента е погодна и за личен и за професионален развој. Решенијата вклучуваат изработка на веб страници, онлајн продавници, стратегии за маркетинг и продажба. Платформата нуди за секого по нешто, и за претпријатија и за индивидуални корисници.

Преку платформата ќе правите и спојување на ИТ и тех компании со условно кажано традиционалните бизниси. Како?

Малите претпријатија имаат опција на платформата да пополнат краток прашалник и да ни кажат за какви услуги се заинтересирани и што им треба. Тоа можат да го направат на копчето ‘Побарај поддршка.’ Потоа ние ги спојуваме со стартап и ИКТ компании кои би можеле да им понудат помош и поддршка на тоа поле. Би сакала да ги охрабрам малите претпријатија да ја искористат оваа опција затоа што нуди поддршка скроена посебно за секое претпријатие. 

Поминаа десетина дена од официјалното лансирање на TechPack. Каков е првичниот интерес и кои се вашите очекувања? (објаснете за ограничениот број на зделки, алатките за индивидуална употреба итн)

Интересот беше исклучителен уште од активирањето на платформата и во првите 24 часа се преземаа 40 зделки. Бројот на преземени зделки, понудени зделки, и нови услуги постојано расте но би сакала да ги предупредам потенцијалните корисници дека дел од зделките се за користење во ограничен рок од 3 месеци, а и дека некои од зделките се ограничени по број и се распродаваат. Времето да се пристапи на платформата и да се разгледаат и преземат зделки е сега.

Освен услугуи TechPack нуди и експертиза. Кажете ни нешто повеќе?

Освен компании кои нудат зделки и решенија, TechPack има и партнери кои нудат знаење, искуство, и експертиза. Тие вклучуваат ИКТ компании, акцелератори, едукативни институции, развојни организации, и слично, кои ги ставаат на располагање своите искуства и експертиза преку менторство и работа еден-на-еден со претпријатијата. За да ги искористат овие услуги, претпријатијата треба да го кликнат копчето ‘Побарај поддршка’ и да ни кажат каква помош им треба, а ние ќе ги споиме со експерти кои го имаат потребното знаење и искуство.    

Што после КОВИД 19?

Иако ова започна како интервентна мерка и дел од програмата Креатон на Фондот за иновации и технолошки развој за справување со кризата, работиме на тоа платформата да продолжи да се користи и после кризата како прв чекор во процесот на дигитализација на малите претпријатија. Исто така сакаме платформата да служи како основа за поврзување на традиционалниот и тех секторот во државата и да го стимулира развојот на корпоративни иновации.

Светот веќе се менуваше во насока на дигитализација на што повеќе услуги, и јавни и комерцијални; тој тренд се забрза за време на кризата, а ќе продолжи и по кризата и треба да разбереме дека влегуваме во нова ера во која компаниите кои нема да се модернизираат и дигитализираат можат да се соочат со исчезнување.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •